|
ПРЕСУДА
ДОНЕСЕНА ВО ОТСУСТВО НА ОБВИНЕТИОТ
Законот за кривична
постапка предвидува одредба член 150 став 1 дека истрагата се поведува
против определено лице кога постои основано сомневање дека сторило
кривично дело. Во став 2 од истиот член се определува дека во истрагата
ќе се соберат докази и податоци што се потребни за да може да се
одлучи дали ќе се подигне обвинителен акт или ќе се запре постапката.
Истрагата се спроведува по барање од јавниот обвинител што е предвидено
со член 151 став 1 од споменатиот закон.
Во член 152 став 1
утврдува дека кога истражниот судија ќе прими барање за спроведување
истрага, ќе ги разгледа списите и ако се согласи со барањето, ќе
донесе решение за спроведување на истрага. А во наредниот став 2
се утврдува дека пред да го донесе решението истражниот судија ќе
го испита лицето против кое се бара спроведување на истрага, освен
ако постои опасност од одлагање.
Што предвидуваат одредбите
од кривичната постапка кои се однесуваат на истрагата во случај
на отсуство на обвинетото лице во постапката. Во ваков случај во
член 162 став 2 се определува: "Ако не се знае престојувалиштето
на обвинетиот, истрагата може да се прекине, но ако обвинетиот е
во бегство или инаку не им е достапен на државните органи, истрагата
ќе се прекине само на предлог од јавниот обвинител, ако постапката
се води по негово барање. И во став 3 од членот се определува: "Пред
да се прекине истрагата, ќе се соберат сите докази за кривичното
дело и за кривичната одговорност на обвинетиот до кои може да се
дојде."
По собирањето на сите
докази во истражната постапка останува да биде испитано обвинетото
лице кое е недостапно на судот односно се наоѓа во бегство или им
е недостапен на државните органи кое нешто истражниот судија го
потврдува со решение за прекинување на истрагата и барање на издавање
на потерница од органот на откривање МВР. Ваквото решение на истражниот
судија е од формална природа кое констатира факт на недостапност
на обвинетото лице и тоа не е пречка за понатамошната постапка на
подигање на обвинителен акт од страна на јавниот обвинител пред
судот за да може да се одржи Главен претрес по тој случај.
Истражниот судија
потребно е да го испитува постоењето на основаното сомнение дека
е сторено кривично дело, што законот тоа го бара, а не треба да
се впуштаат во оценката на доказноста на вината за кривичното дело,
за кое обвинетото лице е осомничено, на што судијата не е овластен.
Истрагата на основаното сомнение дека обвинетото лице е сторител
на кривично дело треба да се темели на конкретно прибирање на податоци
и постојни докази кои упатуваат на поврзаност на сторителот и кривичното
дело за да би се обезбедил субјективниот и објективниот идентитет
и поврзаност помеѓу настанот и обвинението односно обвинителниот
акт.
За обвинетото лице
постои облигаторна одбрана во постапката која е обезбедена и предвидена
во член 66 и тоа во став 1: "Ако обвинетот е нем, глув или неспособен
самиот успешно да се брани, или ако против него се води кривична
постапка за кривично дело за кое во законот е пропишана казна доживотен
затвор, мора да има бранител уште при првото испитување".
став 2: "Обвинетиот
мора да има бранител ако против него е одреден притвор за време
додека трае притворот";
став 3: "По подигнатиот
обвинителен акт поради кривично дело за кое со Закон е пропишана
казна од 10 години или потешка казна затвор, обвинетиот мора да
има бранител во времето на доставувањето на обвинителениот акт."
и,
став 4: "Обвинетиот
на кој му се суди во отсуство (член 292) мора да има бранител штом
ќе се донесе решение за судење во отсуство." Одредбите од наведениот
член ја регулираат задолжителната одбрана кога се остварува во различни
стадиуми на постапката и тоа:
- при прво испитување
во Истрага,
- во време на доставување
на обвинителниот акт, и
- со донесување на
решение за судење во отсуство на Главен претрес.
Бранителот има активна
улога во целиот тек на спроведување на истражната постапка. Бранителот
има процесни права како на пример да му предлага на истражниот судија
да изврши одделни истражни дејствија, има право да присуствува при
увидот и сослушувањето на вештаци, има право да присуствува при
претресување на дом, има право да присуствува кога е веројатно дека
сведокот нема да дојде на главниот претрес и бранителот по правило
секогаш истражниот судија треба да го известува. Таквата одбрана
на обвинетиот се обезбедува од бранителот и е предвидена со членот
160 и членот 161 од Законот.
Со тоа се обезбедува
правото на обвинетото лице што е предвидено во чл.4 став 2 од законот
и загарантирано во член 12 став 3 од Уставот на Република Македонија.
Од страна на обвинителот
во обвинителниот акт може да се наведе покрај личните податоци на
обвинетиот и тоа дека лицето се наоѓа во бегство или е недостапно
на државните органи, со што се обезбедува законска претпоставка
и можност по службена должност судот веднаш да му постави бранител.
Исто така на тоа упатуваат
нужните претпоставки за одржување на Главен претрес. Каде што во
член 292 став 3 стои: "На обвинетиот може да му се суди во отсуство
само ако е во бегство или инаку не им е достапен на државните органи,
а постојат особено важни причини да му се суди иако е отсутен".
На некое лице кое
му е судено во отсуство постапката за таква ситуација под кои услови
ќе се повтори определена е во член 398 од законот. Па така, според
наведениот член став 2 се утврдува и можност судот со решение да
дозволи по вонреден правен лек Повторување на кривичната постапка
по определен предмет. Имено, во решението со кој се дозволува повторување
на кривичната постапка судот ќе определи на осудениот да му се достави
обвинителниот акт ако порано не му бил доставен или да може во текот
на истрагата да биде испитан односно предметот да се врати во состојба
на истрага.
Што значи дека нема
законска пречка и не се прави суштествена повреда ако против обвинетото
лице се изведе ваква постапка на пресудување каде што во текот на
истрагата не е испитан а по пресудување му се дава законска можност
на право на одбрана што е едно од основните уставни загарантирани
права за законито и фер судење.
Ниту поради незнаење
или несакање на обвинителот или пак на судијата во истрагата не
би бил испитан обвинетиот туку поради тоа што обвинетото лице се
дало во бегство или не им е достапно на државните органи со цел
да ја избегне постапката пред судот и одговорноста пред законот.
Обвинителите и судиите
при постапување во кривичната постапка секогаш треба да ги имаат
во предвид и законските одредби кои се однесуваат на заштита на
жртвите од криминалот односно оштетените. Жртвите односно оштетените
од кирминалот можат да бидат граѓаните, нивната слобода и имот загарантирани
со чл.9, 10 и 11 од Уставот, како и државата со нејзините институции.
Што значи жртва може да биде самата држава, институциите и нејзините
преставници. Пресудата донесена во отсуство на обвинетите преставува
морална и општествена осуда на сторителите и на кривичното дело
или дела и има конкретно влијание ваквата пресуда за да може да
се извршат на пример: казна, конфискација на имот, одземање на имотна
корист, одземање на предмети, екстрадиција на осуденото лице и друго.
Пресудата може да биде услов за остварување на некое право на оштетеното
лице или пак со нејзино донесување да се олесни реализирањето на
некое право на оштетениот.
Ако не се покренат
и не завршат со пресуда ваквите постапки жртвите од криминалот се
ставени неосновано во уште потешка и понеповолна положба да бидат
пасивни во заштитата на своите загрозени добра и да чекаат со години
евентуална правна завршница и осуда на криминалците. Со таквиот
начин на постапување граѓаните оправдано да изгубат доверба во правосудните
органи: обвинителствата и судовите, кои се должни по Уставот и законските
прописи ефикасно да ги заштитуваат од криминалците и нивните злосторства.
Ставре
Џиков
ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|