|
И
Н Ф О Р М А Ц И Ј А ЗА
ПРАКТИЧНА ПРИМЕНА НА ОДРЕДБИТЕ
ОД ЧЛ.145 И ЧЛ. 146 ОД ЗАКОНОТ ЗА КРИВИЧНА ПРИМЕНА
Едно од основните
начела во кривичната постапка е начелото на легалитет. Тоа, изразено
во чл.17 од ЗКП, значи дека Јавниот обвинител е должен да рпеземе
кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело
за кое се гони по службена должност. Исклучок од оваа начело до
1997 година постоеше само во постапката спрема малолетници (чл.453)
за кривични дела за кои е пропишана казна затвор до 3 години или
парична казна, ако јавниот обвинител оцени дека не е целесообразно
да се води постапка спрема малолетникот.
Во законот за кривичната
постапка, кој почна да се применува од 11.04.1997 година, востановени
се два нови института со кои се воведува и принципит на опортунитет
во постапување на јавниот обвинител и спрема полнолетни лица, но
се разбира под определени услови. Тие нови институти се изразени
во членовите 145 и 146 од ЗКП.
Член 145 гласи:
1/ Јавниот обвинител
со согласност на оштетениот може да го одложи кривичното гонење
за кривично дело за ко е пропишана парична казна или казна затвор
до 3 години, ако осомничениот е подготвен да се однесува според
упатствата на јавниот обвинител и да ги исполни определените обврски
со кои се намалуваат или се отстрануваат штетните последици на кривичното
дело. Такви обврски може да бидат:
1/ Отстранување или
надоместување на штетата,
2/ Плаќање на определен
придонес во полза на Буџетот или друга институција што врши јавни
овластувања и во хуманитарни цели,
3/ исполнување на
обврските во однос на издржувањето.
2/ Ако сторителот
во рок во кој не може да биде подолг од 6 месеци ја исполни обврската,
јавниот обвинител ќе ја отфрли кривичната пријава против сторителот
на кривичното дело од став 1 на овој член.
Тоа значи дека одлагањето
на кривичното гонење е допуштено само за кривичните дела за кои
се применува скратената постапка, потоа потребна е согласност на
оштетениот за одлагање на кривичното гонење и оценка на јавниот
обвинител дека осомничениот ќе се однесува според неговите упатства
и дека ќе ги исполни обврските од т.1 - 3 на овој член. Толерантниот
рок за одлагање на кривичното гонење е 6 месеци.
Во случај на исполнување
на овие услови кривичната пријава се отфрла и тоа по основ што го
исклучува кривичното гонење. Во спротивно јавниот обвинител ќе поведе
постапка како и по секоја друга кривична пријав.а
За правилна примена
на овој институт од една страна за негово заживување во практиката,
а од друга страна за оневозможување на злоупотребата во неговата
примена, потребно е јавниот обвинител да се организира оперативно
до мерка да може да ја остварува оваа сложена, одговворна, социјална
и криминално-политичка функција, а меѓу другото да остварува за
таа цел соработка со центрите за социјална работа.
Член 146 од ЗКП гласи:
Јавниот обвинител
не е должен да преземе кривично гонење, односно може да се откаже
од гонењето ако:
1/ Во Кривичниот
законик е утврдено дека судот може сторителот на кривичното дело
да го ослободи од казна и Јавниот обвинтиел со оглед на конкретните
околности на случајот оцени дека самата пресуда без кривична санкција
не е потребна,
2/ Во Кривичниот
законик за кривично дело е пропишана парична казна или казна затвор
до 3 години, а осомничениот поради вистинско каење го спречил настанувањето
на штетните последици или ја надоместил сета штета, и јавниот обвинител
со оглед на конкретните околнсти на случајот оценил дека кривичната
санкција не би била основана.
Значи, со оваа одредба
е допуштена примена на принципот на опортунитет во постапката, без
временски услови, без дополнително исполнување на определени обврски
од осомничениот и без согласност на оштетениот.
Примената на овој
институт е можна во фаза на постапување по кривична пријава, во
фаза на претходна постапка, но и во фаза на обвинение (не е должен
да преземе кривично гонење, односно може да се откаже од гонењето).
Според точка еден
од овој член откажувањето од кривично гонење, како што популарно
се нарекува овој институт е допуштено за кривични дела без оглед
на висината на запретената казна, за кои според Кривичниот законик
е утврдено дека судот може да го ослободи од казна сторителот. Тоа
значи, прво кај сите оние кривично правни ситуации каде според општите
одредби во Кривичниот законик е предвидено ослободување од казна,
како на пример кај пречекорувањето на нужна одбрана или крајна нужда
- чл. 9 ст.3 и чл.10 ст.3 од КЗ, неподобен обид - чл.20 од КЗ, доброволно
откажување - чл.21, ослободување од казна - чл.42, посебна основа
за ослободување од казна - чл. 43 од КЗ. И второ кај сите оние ситуации
каде во посебниот дел од Кривичниот законик за одреден облик на
конкретно кривично дело се предвидува ослободување на казна, како
на пример кај кривичното дело "Грабнување" од чл.141 ст.3, "Одземање
малолетник" од чл.198 ст.4 "Делотворно кење" од чл.262, "Издавање
чек без покритие и злоупотреба на кредитна картичка" од чл.274 ст.4,
натаму членовите 310 ст.2, 324 ст.4 , 341 ст.5, 358 ст.3, 363 ст.3,
364 ст.2, 365 ст.5, 367 ст.5, 370 ст.4, 382 ст.5, 383 ст.4 од КЗ
и т.н. и т.н.
За одбележување е
дека во сите овие случаи е допуштено ослободување од казна за со
тоа да се стимулира сторителот да се одврати од довршување на делото
или да се поттикне на санирање на штетата, што секако претставува
помала штета, мислам на неказнувањето, одошто казнување по секоја
цена.
Но во сите овие случаи
Јавниот обвинител треба да ја има вистинската, права оценка дека
кривичното гонење не е потребно бидејќи сама пресуда без кривична
санкција не е потребна. За оваа секако е потребна висока професионалност
и особено чесност и совесност на јавниот обвинител.
Веќе точката два
од овој член е лимитирачка за јавниот обвинител со пропишаната казна
за делото за кое не е должен да преземе кривично гонење, односно
има можност да се откаже од гонењето, а тоа е пропишаната парична
казна или казна затвор до 3 години. Но овде јавниот обвинител според
дотогашното однесување на осомничениот и покажаното вистинско каење
оценува дека не е потребно кривично санкционирање. Значи, повторно
се поставени услови што треба да бидат предмет на грижлива, суптилна
и совесна оценка на јавниот обвинител.
|