ПОЧЕТНА
СТРАНА

ИНФОРМАЦИИ ЈАВЕН
ОБВИНИТЕЛ
ОСНОВНИ
ИНФОРМАЦИИ
СЕКТОРИ СТРУКТУРА И
ОРГАНИЗАЦИЈА
ПРОПИСИ КОНТАКТ

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА Р. МАКЕДОНИЈА
Скопје, 25.08.2002 година

С О О П Ш Т Е Н И Е


Јавните обвинители со особен интерес по службена должност ги следат сегашните парламентарни избори и остварувањето на основното Уставно право на граѓанинот активно да учествува во изборите, со својот глас-да бира и одлучува и пасивно-да биде биран во парламентарниот дом, што претставува основно мерило колку државата е демократска и до кој степен се загарантирани и заштитени граѓанските права на граѓаните во Република Македонија.

Во Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (Службен весник на РМ бр.42/02), поконкретно член 111 во изборниот процес ја одредува кривично-правната заштита од сторителите на вакви кривични дела.

Имено кривично-правна заштита на изборите, како демократска придобивка, обезбедува и Кривичниот Законик на Република Македонија во кој се пропишани кривични дела против изборите и гласањето и тоа: Спречување на избори и гласање-член 158; Повреда наизбирачко право-член 159; Повреда на слободата на определување на избирачите-член 160; Злоупотреба на избирачкото право-член 161; Поткуп при избори и гласање-член 162; Повреда на тајноста на гласањето-член 163; Уништување на изборни исправи-член 164 и Изборна измама-член 165.

Во практичното постапување Јавните обвинители во периодот од 1998 година до сега имаат постапувано по вкупно 141 пријавено лице за сторени кривични дела кои се однесуваат на:

- Парламентарните избори 1998 година - пријавени 33 лица;
- Претседателските избори 1999 година - пријавени 47 лица; и
- Локалните избори 2000 година - пријавени 61 лице.

Од вкупниот број на пријавени кривични дела 34 се однесуваат на Спречување на избори и гласање; 53 на Повреда наизбирачко право; 7 на Повреда на слободата на определување на избирачите; 20 на Злоупотреба на избирачкото право; 4 на Поткуп при избори и гласање; 8 на Уништување на изборни исправи; и 15 на Изборна измама.

Според статистичките податоци кривичните пријави биле доставувани од управите на Министерството за внатрешни работи 36; од претставници на подносители на листа на кандидат за претседател на Република Македонија 33; од независни кандидати за пратеници 20; од општински комитети на политички партии 11; од граѓани 10; од Изборните комисии 6; од заменици претседатели на Општинска изборна комисија 3 поднесени кривични пријави.

Од вкупно донесените одлуки на Основните судови во државата против 21 обвинето лице за кривични дела против изборите и гласањето, 20 обвинети лица се огласени за виновни, од кои 5 обвинети лица се осудени на затворски казни од 1 година и 6 месеци до 2 години, на 14 им е изречена условна осуда, на едно му е изречена парична казна, а за едно лице е донесена ослободителна пресуда.

Јавните обвинители во Република Македонија имајки ги во предвид појавите на можно кршење на изборните правила и прописи или самоволно однесување, со оглед на тоа дека се работи за исклучително штетни, опасни и девијантни појави и како последица на тоа се нарушува изборниот процес и се остава лоша слика за достигнатиот степен на демократско живеење во Република Македонија, по сила на законот ги преземаат сите законски мерки и се ангажираат, притоа комуницирајки со другите надлежни претставници на државните органи во откривањето на сторителите на ваквите кривични дела и нивно изведување пред судовите.


ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Ставре Џиков