|
I.
КРАТОК ИСТОРИСКИ РАЗВОЈ
Историјата на создавање
на државноста на Република Македонија нужно ја следи и Јавното обвинителство
како еден од највиталните органи на државата. Со возобновување на
македонската држава на одржаното Антифашистичко Собрание на Народното
Ослободување на Македонија (АСНОМ) на 2.08.1944 година во древните
конаци на Манастирот Св. Отец Прохор Пчински, одново се удрија темелите
на Македонската држава на дел од македонската територија.
Во текот на 1944
година во рамките на востановувањето на Македонија, како федерална
членка на Југославија, врз основа на одлуките на АСНОМ обвинителството
се конституира како дел на југословенската федерална хиерархија.
Имено, Јавното обвинителство на Република Македонија составено од
Јавно обвинителство, обласни и околиски обвинителства формално се
оформува на 31.март 1944 година кога е именуван Главниот прокурор
- обвинител на Македонија.
Со Уставот на Федеративна
Народна Република Југославија (ФНРЈ) од 1946 година и Уставот на
Народна Република Македонија (НРМ) како и сојузните и републички
законски прописи Јавното обвинителство се утврдува како Уставна
категорија, орган чија задача е да го заштити државниот и општествено-економскиот
систем и да ја зацврсти законитоста. Јавното обвинителство на Република
Македонија се базира на принципите на централизам и хиерархиска
надреденост. Јавниот обвинител и неговите заменици се именуваат
од страна на Јавниот обвинител на Федеративна Народна Република
Југославија.
Со Уставот на Социјалистичка
Република Македонија (СРМ) од 1963 година и Уставот на Социјалистичка
Република Македонија (СРМ) од 1974 година Јавното обвинителство
се дефинира како самостоен орган кој го врши кривичното гонење и
превзема мерки и правни средства заради единствена примена на законот.
Јавното обвинителство на Социјалистичка Република Македонија е орган
одговорен пред Собранието на Социјалистичка Република Македонија
кој се организира во 22 општински, 3 окружни и Јавно обвинителство
на Социјалистичка Република Македонија.
Во ноември 1991 година
е донесен новиот Устав со кој Република Македонија се конституира
како самостојна, суверена, демократска и граѓанска држава чиј темелни
вредности се базираат на начелото на владеење на правото и заштита
на човековите слободи и права. Од тој аспект Јавното обвинителство
на Република Македонија како единствен и самостоен државен орган
кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени
казниви дела прераснува во најзначајниот државен орган во правец
на остварување и заштита на темелните вредности на новиот уставен
концепт.
|