 |
Скопје,
30.11.2001 година
На 30.11.2001 година,
извршниот одбор на Здружението за кривично право и криминологија
на Македонија, во хотелот Холидеј ин во Скопје организираше тркалезна
маса, на теми:
- Соработката на
Република Македонија со Хашкиот трибунал (фази на постапката)
;
- Правна Рамка за
соработка со Хашкиот трибунал и практични проблеми и
- Правни аспекти
на амнестијата на припадниците на т.н. ОНА
На средбата учествуваа
повеке еминентни правници од Република Македонија, јавни обвинители,
судии, професори од Правниот Факултет-Скопје, амбасадори, координатори
на пратенички групи, министри, претставници на кабинетот на претседателот
на Република Македонија, како и од кабинетот на претседателот на
Република Македонија, претставници на адвокатската комора на Република
Македонија и други.
Воведни излагања на
погоре споменатите теми имаа Г-дин Ставре Џиков-Јавен обвинител
на Република Македонија, Д-р Никола Матовски-професор на Правниот
факултет-Скопје, Д-р Владо Камбовски-професор на Правниот факултет-Скопје,
Во прилог на соопштениево
во целост Ви го презентираме воведното излагање на Јавниот обвинител
на Република Македонија, Г-дин. Ставре Џиков.
ЈАВНОТО
ОБВИНИТЕЛСТВО НА МАКЕДОНИЈА И
СОРАБОТКАТА СО ХАШКИОТ ТРИБУНАЛ
Почитуван Претседател,
Господин
Павел Манев,
Почитувани дами и господа и уважени професори,
Сериозноста на кризата
која ја зафати од месец јануари до сега нашата држава Република
Македонија, наметната од т.н. ОНА исполнета со тешки последици од
човечка и материјална природа, пред с# убиени цивили, лица од безбедносните
сили, полицајци и војници, брутални насилства од силување на жени
и мажи, киднапирање на цивили, етничко чистење на дел од територијата,
рушење на светилишта - сакрални објекти, сознанија за масовни гробници
и други девијантни појави кои претставуваат континуиран напад на
уставниот поредок, на територијалниот интегритет и суверенитет на
Република Македонија, а кои содржат криминален белег на тешки злосторства
против човечноста и меѓународното право, Јавното обвинителство на
Република Македонија преку основните обвинителства ставено е во
позиција, како што е предвидена неговата улога и функција според
Уставот на Република Македонија, да покрене повеќе кривични постапки
пред судовите во нашата држава за гонење на сторители на Кривични
дела против државата од глава 27 и сторители на Кривични дела против
човечноста и меѓународното право од глава 34 од Кривичниот законик
на Република Македонија.
Од почетокот на таквата
криминална криза во државата, Јавниот обвинител на Република Македонија
остварува повеќе средби и контакти по барање на претставници на
меѓународните организации, институции и амбасади на пример: на Соединетите
Американски Држави, Руската Федерација, Романија, Швајцарија и други
кои се во нашата земја.
Меѓу меѓународните
организации со кои се остваруваат средби би ги споменал:
- претставници на
Европската Унија и Мониторинг мисијата;
- претставници на
НАТО алијансата и тоа со поранешниот амбасадор г-дин Ханс Јорк
Ајф и сегашниот амбасадор г-дин Клаус Волерс, и
- претставници на
ОБСЕ и тоа поранешниот амбасадор г-дин Карло Унгаро и сегашниот
амбасадор г-дин Крек Џенис. Заради постојана соработка со ОБСЕ
назначив заменик јавен обвинител постојано да контактира со претставници
на ОБСЕ заради размена на правовремени и точни информации во врска
со криминалните и трагични случаи кои се случуваат катадневно
во нашата држава.
Поради сложеноста
на кризата, како и појавата на зачестеност на илегално преминување
на вооружени лица и групи, преку 2100 лица, на границата помеѓу
Република Македонија и СР Југославија - Косово, протекторат на ООН,
Јавниот обвинител на Република Македонија на 17 септември годинава
побара податоци за идентификација на лицата кои незаконито ја преминуваат
границата од цивилниот администратор УНМИК, претставуван од специјалниот
претставник г-дин Ханс Хекеруп. Како и директно доставено писмено
обраќање до г-дин Кофи Анан - Генерален секретар на Обединетите
нации на 14 ноември 2001 година.
Притоа Јавното обвинителство
на Република Македонија се повикува на основното законско право
на човекот да се бори против тероризмот, организираниот криминал
и злосторствата и обврската за пружање на меѓународна правна помош
и соработка што произлегува и од Конвенцијата на ООН против транснационалниот
организиран криминал од Палермо, Конвенцијата за сузбивање на тероризмот
како светско зло и најголема опасност за човештвото.
Обвинителството со
особено внимание се ангажира и е усредоточено на соработка со Хашкиот
трибунал кој датира од 1999 година. Првите средби со колешката обвинител
г-ѓа Карла Дел Понте одржани се на 27 октомври 1999 година и 19
јуни 2000 година во Скопје. На тие средби беше разговарано за конкретната
соработка за гонење на сторителите кои сториле кривични дела против
човечноста и меѓународното право на просторите на бивша Југославија.
Како што споменав
од појавата на криминалната криза во нашата држава постојани се
контактите со претставници на Хашкиот трибунал. На 26 јуни оваа
година се оствари средба во просториите на Јавното обвинителство
на Република Македонија со г-дин Андреј Шидлик, оперативен офицер
на Хашкиот трибунал, кој беше известен за покренување на повеќе
кривични постапки пред судовите, како и информирање за злосторствата
што се случија во с.Вејце и други злосторства, убиства на цивили
и други криминални појави.
На 29 август 2001
година Јавниот обвинител на Република Македонија оствари средба
со г-дин Мати Раткајнен - шеф на истражниот тим, на која средба
беа разгледани сите можни начини на меѓусебна соработка и информирање,
со цел за ефикасно обезбедување докази за сторени кривични дела
против човечноста и меѓународното право, како би можеле да се обвинат
лица кои извршиле или наредиле да извршат тешки повреди на Женевските
конвенции од 12 август 1949 година на територијата на Република
Македонија во текот на оваа година. На средбата г-дин Раткајнен
извести дека Трубуналот започнал со интервјуирање на неколку лица,
во врска со настаните во Република Македонија за што бил проследен
извештај до Хашкиот трибунал. Според него, на овој начин започнале
истражувања и се активирала постапка за започнување официјален процес
на истраги во Република Македонија за сторени кривични дела од надлежност
на Трибуналот.
Како што е познато
на нашата јавност непосредна средба имав со обвинителката г-ѓа Карла
Дел Понте на 21 ноември 2001 година која се оствари при нејзиниот
прием кај Премиерот на Владата г-дин Љубчо Георгиевски, на која
средба беше присутен и Министерот за внатрешни работи г-дин Љубе
Бошковски. Последниве денови, поточно на 27 ноември беше остварена
работна средба на барање на г-дин Денис Милнер претставник на Хашкиот
трибунал и притоа се разговараше за односот на Хашкиот трибунал
и неговите претставници со Јавното обвинителство на Република Македонија,
како и за правилно информирање на сите случаи, без исклучок, со
тоа што беше информиран за непосредни контакти и добивање на објективни
информации за меѓусебно правилно информирање задолжен е заменик
јавен обвинител од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија.
Воедно, од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија се
укажа дека кризата која се појави во Република Македонија најнапред
треба да се гледа низ два сегменти на военото распаѓање и криза
на бивша Југославија, како и на кризата која беше создадена од т.н.
ОНА во Република Македонија. Скренато беше внимание на г-дин Милнер
дека посебно треба да се опсервира кризата во Република Македонија
и секој случај посебно да се разгледува, меѓутоа со добро запознавање
на причините и последиците од оваа криза и инволвирање на криминални
структури, кои создадоа тешки злосторства према цивилното население
и тешки жртви во нашата држава. Договорено беше дека ќе се има како
со г-дин Милнер така и со други високи претставници од Хашкиот трибунал
постојани контакти за да се обезбеди принципот на законитост, правичност
и правда во однос на заштита на жртвите од тешките криминални злосторства
што се сторени во нашата држава, без пристрасност и сомневање во
објективното постапување како на правосудните институции во нашата
држава, јавното обвинителство и судот, така и на Јавното обвинителство
на Хашкиот трибунал.
Јавното обвинителство
како институција на нашата држава должно е да ги гони сите сторители
на кривични дела, а со тоа во склад со Уставот и позитивните кривични
законски прописи, злосторниците на таквиот тежок криминал да излезат
пред лицето на правдата, судовите во нашата држава и на тој начин
жртвите да се заштитат, а на злосторниците да им биде изречена заслужена
казна. Воедно со ваквата активност се создава доверба на сите граѓани
независно на нивната национална и верска припадност врз основа на
правичноста на законите кои владеат во државата и заштита од криминалот
од страна на правосудните институции: обвинителството и судот, кои
се независни државни институции во Република Македонија.
ЈАВЕН
ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Ставре Џиков
|