 |
И
Н Ф О Р М А Ц И Ј А (26.01.2000)
ЗА
СЛЕДЕЊЕ НА ПЕЧАТОТ И ЕЛЕКТРОНСКИТЕ МЕДИУМИ - "ДОПРЕН ГЛАС"
Човековите права и
основните слободи утврдени со Универзалната декларација на Генералното
собрание на Обединетите нации од 10.12.1948 година, се темелна вредност
на Уставниот поредок на Република Македонија. Утврдени како Основни
слободи и права на човекот и граѓанинот во Глава ИИ од Уставот на
Република Македонија во поднасловот под точка 1 ги уредуваат граѓанските
и политичките слободи и права, каде со посебни уставни одредби се
гарантира слободата на јавното изразување на мислата, во смисла
на гаранција на слободното јавно информирање, примање и пренесување
на информации. Гаранциите на слободното јавно информирање, примање
и пренесување на информации се утврдени во чл.16 од Уставот на Република
Македонија.
Европската политика
за информирањето и средствата за јавно информирање се клучно прашање
во контекст на европското интегрирање, примената на единствената
демократија, заштита на националниот идентитет и унапредување на
културните разлики и плурализмот. Во таа смисла фундаментална основа
на законите за јавно информирање на земјите - членки на Советот
на Европа претставува членот 10 од Европската конвенција за човекови
права поткрепена на слободата на изразување и информирање, потпишана
на 04 Ноември 1950 година, а која стапи во сила на 03 Септември
1953 година. Членот 10 предвидува:
1. Секој има право
на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на сопствено
мислење и примање и пренесување на информации или идеи без било
какво мешање на јавната власт и без оглед на државните граници.
Овој член не ги спречува државите да доделуваат лиценци за работа
на претпријатијата за радиодифузија, телевизиски пренос и кината.
2. Остварувањето на
овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи
на формалности, услови, рестрикции или казни демократско општество,
во интерес на националната сигурност, за заштита од немири или кривично
дело, на здравјето или моралот, репутацијата или правата на другите,
за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување
на авторитетот и непристрасноста на правосудството.
Имајќи го во предвид
правото на секој граѓанин на јавно, законито и непристрасно судење,
а притоа почитувајќи ги слободата на јавно информирање примање и
пренесување на информации, неопходно е да се спомене и чл.6 ст.1
од споменатата конвенција во кој се определува дека:
"Секој има право правично
и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со Закон
воспоставен суд, да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански
права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија
против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката
можат да бидат исклучени за време на целиот или на еден дел од постапката
во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во
едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на
малолетник или заштита на приватниот живот на странките во спорот;
или кога тоа го смета судот за неопходно затоа што во посебни околности
публицитетот би можел да нанесе штата на интересите на правдата".
Јавното обвинителство
како државен орган чија надлежност и постапување е утврдена со Законот
за Јавно обвинителство и Уставот на Република Македонија, а имајќи
ги предвид и определбите утврдени со одредбите на Европската конвенција
за човекови права инкорпорирани во Законите и Уставот на Република
Македонија, ексклузивно ја остварува функцијата на гонењето и законито
постапување, па во таа смисла се јавува во улога на застапник на
јавниот поредок и заштита на објективен правен поредок. Оперативноста
на Јавното обвинителство се манифестира низ различни видови на соработка
со други државни органи повикани и задолжени за сузбивање на криминалитетот.
Ова од причина што Обвинителството е заинтересирано за вистинито
и целосно утврдување на околностите и фактите што се од битно значење
за законито одлучување.
Имајќи го во предвид
наведеното, Јавното обвинителство на Република Македонија со свое
известување 23.06.1999 година доставено до Вишото јавно обвинителство
Скопје, Вишото јавно обвинителство Битола и Вишото јавно обвинителство
Штип воведе задолжително следење на дневниот неделен печат и електронските
медиуми од страна на сите Јавни обвинителства во Република Македонија.
За превземените иницијативи од страна на надлежното Јавно обвинителство
се поднесува информација со податоци за одредени сознанија дека
е сторено кривично дело и тоа Основните јавни обвинители до Вишиот
јавен обвинител, а Вишиот јавен обвинител до Јавното обвинителство
на Република Македонија, најмалку еднаш месечно независно дали е
покрената иницијатива од јавниот обвинител. Заради поефикасно известување
на предното во рамки на Вишото и Основното јавно обвинителство се
определува одреден заменик јавен обвинител за следење на дневниот
и неделниот печат кој ќе се воведе и евидентира во посебна книга.
Ваквото следење на
печатот и електронските медиуми се врши од причини што од содржината
на поедини изнесени сознанија во одредени написи во печатот и електронските
медиуми по оценка на Јавниот обвинител може да произлегуваат основи
на сомнение дека е извршено кривично дело кое се гони по службена
должност во смисла на чл.42 ст.2 т.1 од Законот за кривична постапка,
заради поуспешно извршување на функцијата на Јавниот обвинител во
преткривичната постапка. Доколку се оцени дека треба да се проверат
одредени сознанија изнесени во некои написи во печатот, надлежниот
јавен обвинител должен е да оформи посебен предмет и преку соодветен
државен или друг орган или организација да прибере потребни известувања
и изврши проверување во смисла дали од сознанијата произлегуваат
основи на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена
должност.
Од сето наведено произлегува
дека Јавното обвинителство постапувајќи во смисла на чл.42 ст.2
т.1 и чл.140 ст.1 од ЗКП, според кои како државен орган е надлежен
да превземе потребни мерки во врска со откривањето на кривичните
дела за кои се гони по службена должност, со пронаоѓање на сторителите,
заради насочувње во преткривичната постапка во соработка со државните
органи и институции што вршат јавни овластувања, кои се должни да
ги пријават горе наведените кривични дела за кои се известени или
за кои ќе узнаат на некој начин, а во смисла на проверка на написи
во печатот и изнесени сознанија во електронските медиуми, без при
тоа да бидат повредени граѓанските и политичките слободи и права,
во контекст на слободата на јавното изразување на мисла, слободното
јавно информирање, снимање и пренесување на информации, слободи
кои под определени услови , формалности, ограничувања и санкции
предвидени со закон, кој во демократското општество претставуваат
неопходни мерки во интерес на државната безбедност, територијалниот
интегритет, јавната безбедност, заштита на редот, спречувањето на
злочини, заштита на здравјето, моралот, угледот или правата на другите,
спречување ширење на доверливи информации, а во интерес на зачувување
на авторитетот и непристрасноста на судството.
ЈАВНО
ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|