|
20.12.2001
година
Информација
за учество на Јавното обвинителство на Република Македонија на регионалниот
семинар на јавните обвинители од земјите од Југоисточна Европа
ПРОЕКТ
- PACO
Во организација на
Генералното обвинителство на Република Албанија и Советот на Европа,
во Тирана - Република Албанија во времето од 5 до 7 декември 2001
година се одржа втор регионален семинар и состанок на јавните обвинители
од земјите од Југоисточна Европа, а во врска со програмата за борба
против корупцијата и организираниот криминал во Југоисточна Европа
(ПАКО) и проектот за развој на мрежа на контакти.
Проектот ПАКО е инициран
со цел зацврстување на судската мрежа помеѓу земјите од Југоисточна
Европа, а со цел истиот да придонесе за инплементацијата на Иницијативата
на Пактот за стабилност, против корупција (СПАИ) и Иницијативата
на Пактот за стабилност против организираниот криминал (СПОК).
Во текот на 2001 година
во рамките на овој проект, активностите беа реализирани преку два
регионални семинари. Првиот семинар се одржа во Бугарија од 25.
до 27.06.2001 година, а вториот од 05. до 07.12.2001 год. во Албанија.
На семинарот во Тирана
учествува претставници од Земјите на Југоисточна Европа и тоа од
Романија, Бугарија, Албанија, СР Југославија, Босна и Херцеговина,
Хрватска, Словенија, Унгарија, Молдавија и Македонија. Семинарот
го поздрави г-дин Арбен Ракипи - Државен јавен обвинител на Албанија,
по што г-дин Александар Зегер, експерт од Советот на Европа ги презентираше
заклучоците од одржаниот семинар во Бугарија.
Претставници од Република
Македонија беа, Михајло Маневски, Заменик на Јавниот обвинител на
Република Македонија, Маја Конеска Заменик на Основниот јавен обвинител
на Скопје и Лидија Кочева Советник во Министерството за правда на
Република Македонија.
Тука делегацијата
на Република Македонија зеде активно учество со презентирање на
определени прашања и проблеми во врска со пружањето на меѓународна
правна помош во кривичните предмети и воопшто во врска со взаемната
правна помош помеѓу државите и помеѓу надлежните органи, како што
се јавните обвинителства, судовите, министерствата за правда и полицијата.
Од наша страна беа
истакнати позитивните искуства во врска со непосредната соработка
на јавните обвинителства од Република Македонија и Република Албанија
и одржаните средби во Струга и во Подградец, потоа сорботката помеѓу
јавните обвинителства од пограничните области на Република Македонија
и Република Бугарија и средбата што по тој повод се одржа во Штип,
воспоставените контакти со повеќе обвинителства, како со Словенија,
Хрватска, Србија, Грција, повеќе други јавни обвинителства, со потенцирање
на доста позитивните искуства во врска со таквата соработка и беше
потенцирано дека таквата соработка треба да продолжи и се развива.
Главна цел на овој
семинар, а како континуитет на претходниот семинар, беше идентификување
на практичните проблеми на соработката помеѓу земјите и елаборабирање
на препораки за нивно решавање, а конкретна цел на проектот е зацврстување
на судската мрежа помеѓу земјите од Југоисточна Европа, која ќе
се постигне преку запознавање на контакт- лица, претставници одговорни
за судска соработка од разните земји со процедурите за соработка
помеѓу себе и условите за одвивање на заемната правна помош.
Меѓународната соработка
против корупцијата, организираниот криминал и перењето пари се одвива
преку низа на меѓународни документи и тоа Европска Конвенција за
взаемна помош во кривични предмети (1959 год.), дополнителен протокол
на Европска Конвенција за взаемна помош во кривични предмети (1978
год.), Еропска Конвенција за екстрадиција (1957 год.), Дополнителен
протокол на Европската Конвенција за екстрадиција (1975 год.), Конвенција
за перење пари, претрес, заплена и конфискација на добивка од криминал
(1990 год.), Конвенција за корупција од Кривичното право (1998 год.),
Конвенција на Обединетите нации против транснационалниот организиран
криминал (2000 год.), и Конвенција на Европската Унија за взаемна
правна помош во кривични предмети помеѓу земјите-членки на Еворпската
Унија (2000 год.).
Општо беше прифатено
дека постојаните процедури за взаемната правна помош не се доволно
ефикасни за справување со современите форми на организираниот криминал,
корупција и перење пари на меѓународен план. Поради тоа покрај одобрувањето
на конвенциите потребно е создавање на нови механизми, меѓу кои
формирањето на судската мрежа се смета за средство за подобрување
на ефикасноста на постојаната меѓународна соработка во кривичните
предмети. Земјите членки на Европската Унија со заедничка акција
од 29.06.1998 год. создадоа Европска судска мрежа, а гледајќи ја
Европа во целина и земјите од Југоисточна Европа почнаа да ја третираат
потребата од судска мрежа.
Во врска со претходно
донесените заклучоци и расправата на семинарот што бил одржан во
Бугарија, беше поставено прашањето за определување на лица за контакти
КОНТАCТ POINT и тоа во Јавното обвинителство, Министерството за
правда, судовите и Министерството за внатрешни работи. Всушност
тоа се лица за контакт и како раководители на тие центри за контакт,
кои се предвидува во наредниот период да имаат посебни едукативни
средби и меѓусебни контакти со земјите од регионот.
Со потпишувањето на
Иницијативата на Пактот за стабилност против организираниот криминал
(СПОК) Земјите од регионот се обврзале да ја подобрат меѓусебната
соработка со поефикасно извршување на замолниците, на начин што
веднаш да се даде одговор на сите замолници за взаемна правна помош,
а особено кога станува збор за кривични дела сторени од организирани
криминални групи; земање во предвид на процедуралните услови на
земјата молител при извршувањето на нејзиното барање за взаемна
правна помош, за да се овозможи полесно да ги користи доказите собрани
во нејзино име во кривични постапки; назначување на судски контакт
лица на централниот орган за побрзо идентификување на замолените
судски органи и за овозможување на дирекно доставување на замолниците
за взаемна правна помош во итни случаи или за размена на информации.
Поради постоечките
проблеми предложени се решенија и тоа:
- да се воспостават
директни контакти, а со цел да се примени чл.15 ст.2 од Европската
конвенција за взаемна правна помош;
- назначување на
лица за контакт и тоа првично да се воспостават такви лица на
централно ниво и тоа во рамките на државното јавно обвинителство
и Министерстовото за правда, а потоа на регионално и локално ниво
во рамките на земјите. Контакт лицата на разните земји би можеле
да бидат врзани во мрежа;
- да се изготви
прирачник за соработка кој ќе биде едноставен и лесен за одржување
со информации како листа на контакт лица, кратко резиме на постапките
за взаемна правна помош, листа на текстови од билатерални и мултилатерални
договори и примери на замолници.
На 07.12.2001 год.
се одржа средба на јавните обвинители на Југоисточна Европа на која
се расправаше за соработката помеѓу земјите од Југоисточна Европа
и спроведувањето на конвенцијата, односно дополнителниот протокол
на Европската конвенција за взаемна помош во кривични предмети.
Посебно како проблем
од наша страна беше истакнато прашањето и со непосредните контакти
со експертите од Советот на Европа и во пленарната работа на семинарот,
а тоа е недоволна соработка со УНМИК на Косово. Ова прашање исто
така беше потенцирано и од делегацијата од СР Југославија, со оглед
на тоа дека таква соработка скоро и да не се одвива, а е неопходна
во регионот заради обезбедување на взаемната правна помош и прибавување
на податоци во врска со кривично гонење на организирани криминални
групи и поединци кои сториле тешки кривични дела.
На ден 7.12.2001 година
се одржа и состанок на високо ниво на јавните обвинители од државите
учеснички и тоа Албанија, Бугарија, Словенија, Црна Гора, Македонја,
Романија и повеќе експерти од Советот на Европа , а со кој состанок
раководеше г-дин Александар Зегер, на тема :"Трговијата со луѓе
и организиран криминал".
Од страна на делегацијата
на Република Македонија претставникот Михајло Маневски Заменик на
Јавниот обвинител на Република Македонија со свое излагање за трговијата
со лица од женски пол, ги пренесе искуствата на Република Македонија
во врска со ова прашање
После расправата
на состанокот се усвои Декларација и се изведоа следните заклучоци:
а) Да се зголеми
фрекфенцијата на взаемните институционални контакти за систематска
анализа на сите можни проблеми што ќе произлезат во практиката
во нашата регионална взаемна помош во однос на кривичните прашања.
б) Активно да се
помогне на установите и вистинското функционирање на регионални
постојани контакти за прашања, мрежа дизајнирана да гарантира
постојана размена на информации и да се имаат во вид активностите
и методите за дејствување на организираниот криминал.
ц) Да се даде приоритет
на олеснувањето за извршување на основните писма, екстрадициони
барања и запознавање со одлуките кои пристигаат од регионалните
правосудства поврзано со случаи за организираниот криминал и илегалната
трговија со луѓе.
ЈАВНО
ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|