|
И
Н Ф О Р М А Ц И Ј А (20.03.2001)
За откривање и гонење
на сторителите на кривичното дело - Посредување во вршење на проституција
по чл.191 од Кривичниот законик и кривично дело - Засновање на ропски
однос и превоз на лица во ропски однос по чл.418 од Кривичниот законик
I
Посредување во вршење
на проституција
Проституцијата како
појава со изразено негативно општествено значење е верификувана
во сите периоди на цивилизираното живеење и како таква била третирана
од сите познати форми на општествено уредување и кривично правно
нормирано во сите современи законици. Поради интернационалниот елемент,
борбата против проституцијата е континуирано актуелна и е предмет
на опсервација и организирано дејствување на бројни меѓународни
асоцијации. Во оваа смисла донесени се многубројни документи меѓу
кои позначајни се: "Меѓународна спогодба за успешна заштита од трговија
со бело робје" и Протоколот за нејзино додефинирање од 1904 година;
"Меѓународна конвенција за сузбивање на трговијата со бело робје";
"Конвенцијата ООН за сузбивање и укинување на трговијата со личности"
од 1950 година; "Конвенцијата за спречување трговија со жени и деца"
од 1947 година, кои документи Република Македонија ги има прифатено
и потпишано во рамките на пристапувањето кон меѓународно правните
документи за основните човекови права и слободи.
Во нашата држава проституцијата
се оквалификува како општествено зло, и тоа од повеќе причини. Таа
е во длабока спротивност со општо прифатените морални и социјални
норми; го повредува човековото достоинство, зошто го изедначува
човекот со секоја друга стока на пазарот; проститутките се легло
за заразни болести; штом ќе престанат со својот "занает" во поголемиот
дел тие паѓаат на товар на општеството, стануваат социјални случаи;
проституцијата врши штетно влијание врз правилниот развиток на младината;
блиску се врските помеѓу оваа појава и криминалитетот како што се
убиства, тепачки, кражби, дрога, измами и други напади врз "клиентелата".
Неприкоснованоста
на достоинството на личноста и моралниот интегритет како едно од
основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот
на Република Македонија, своја кривично - правна заштита помеѓу
останатото имаат и во кривичните дела против половата слобода и
половиот морал систематизирани во Главата ЏИЏ од Кривичниот законик.
Во нашето кривично
право, проституцијата не е кривично дело. Под ударот на кривично
правната интервенција доаѓаат само некои поведенија во врска со
проституцијата, по правило оние што значат поттикнување, подржување,
намамување на женски лица да се занимаваат со проституција, врбување,
онаа што главно е опфатено со поимот "бело робје". Поточно, инкриминирано
е само посредување во вршење проституција, содржано во чл.191 од
Кривичниот законик каде како заштитен објект, како и во останатите
кривични дела од оваа Глава се има половиот морал, односно правилата
за моралот од сверата на половите - сексуалните односи, детерминирани
со поредокот, обичаите и општите морални сваќања, а во тие рамки
најнепосредно и борбата против проституцијата.
Имено во чл.191 од
КЗ - Посредување во вршење проституција, кривичното дело се определува:
(1) Тој што врбува,
наведува, поттикнува или намамува лица на проституција или тој што
на кој и да е начин учествува во предавање на лице на друг заради
вршење проституција, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет
години.
(2) Тој што заради
заработувачка му овозможува на друг користење на сексуални услуги,
ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
(3) Тој што заради
заработувачка со сила или со сериозна закана за употреба на сила
ќе присили или со измама ќе наведе друго лице на давање сексуални
услуги, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
(4) Ако делото од
ставовите 1, 2 и 3 е сторено со малолетно лице, сторителот ќе се
казни со затвор од шест месеци до пет години.
(5) Ако делото од
ставовите 1,2 и 3 е сторено со дете, сторителот ќе се казни со затвор
од една до пет години.
(6) Тој што организира
вршење на делата од ставовите 1 до 5, ќе се казни со затвор од една
до десет години.
Јавнообвинителско
постапување по кривични пријави
Од статистичкото истражување
за периодот од 1997година, па со нецелосни податоци за првата половина
на 2000 година за територијата на Република Македонија се констатира
ажурно и приоритетно прифаќање на кривичните пријави од страна на
јавниот обвинител.
За овој временски
период по прибирање на неопходните потребни известувања од вкупната
бројка на пријавени 83 лица со решение кривични пријави се отфрлени
само против 4 лица.
До надлежните судови
поднесени се барања за спроведување на истрага против 73 лица. По
останатите кривични пријави се превземаат дејствија и прибираат
потребни известувања заради утврдување на основите и проверка на
сомненијата.
Со поднесените барања
за спроведување на истрага неретко од страна на јавниот обвинител
е ставен предлог за одредување на мерката притвор.
По спроведување на
истрагата, против 47 лица поднесени се обвиненија за кривично дело
- Посредување во вршење проситутуција по чл.191 од Кривичниот законик.
По останатите барања или се предлагани дополнувања на истрагите
или истрагите сеуште не се завршени или е дадена изјава за откажување
од кривично гонење, а неретко истрагите се прекратувани поради недостапност
на обвинетите на органите за прогонот.
По поднесените обвиненија,
слободно може да се констатира дека јавниот обвинител бележи испех.
Од пресудените обвинети лица донесени се осудителни пресуди против
30 лица.
Одбивателни пресуди
се донесени против 2 лица и останатите се третираат како непресудени
лица.
Казнената политика
за ова кривично дело за периодот 1997 - 2000 година на територијата
на Република Македонија е во рамките на : од изречена казна затвор
од 5 години што е единствен, исклучителен случај до условни и парични
санкции. Незадоволството од висината на видот на изречената санкција
јавниот обвинител го изразува со поднесување на жалба до второстепениот
суд, меѓутоа најчесто Обвинителот останувал задоволен од изречените
казни иако во истите исклучива доминација имаат условните и паричните
санкции.
II
Засновање ропски однос
и превоз на лица во ропски однос
Ропството и состојба
на личноста спротивна на начелата дека сите луѓе се раѓаат слободни
и живеат слободно, прокламирано уште во декларацијата за правата
на човекот и граѓанинот од 1789 година. Иако ропството е укинато
со оваа декларација и бројни документи донесени потоа, во Женева
во 1956 година е донесена дополнителна конвенција за укинување на
ропството, трговија со робје и установи и пракса слична на ропството.
Под ропство се подразбира
таква состојба на некое лице кога над него се вршат сите или некои
права кои се својствени на правото на сопственост.
Сличен однос на ропскиот
е уреден со Дополнителната конвенција од 1956 година и се однесува
на ропство поради долг и слични состојби. Под овој поим не се подведува
трговијата со бело робје, криминализирана со одредбата на чл.191
од КЗ.
Дејствие на извршување
на ова кривично дело е: а) ставање друг во ропски или нему сличен
однос; б) трговија со робје; в) посредување во купување, продавање
или предавање на лице во ропски или сличен однос; г) поттикнување
друг за засновање ропски или сличен однос на лице што го издржува
или што се грижи за него; д) превезување на лица што се наоѓаат
во ропски или сличен однос.
Потежок облик е пропишан
во ставот 3 од овој член кога објект на дејствие на било кој од
облиците на делото е малолетно лице.
За постоење на делото
не е значајно на кој начен е заснован ропскиот однос. Тоа може да
биде сторено со употреба на сила, измама, уцена или на друг начин.
Делото постои и кога пасивниот субјект се согласил друг да го стави
во ропски однос.
Извршител на делото
може да биде секое лице.
За периодот од 1998
заклучно со 2000 година на подрачјето на Вишото јавно обвинителство
- Скопје и Вишото јавно обвинителство - Штип, ниту едно основно
обвинителство нема постапувано по пријави и предмети за кривичното
дело - Засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос по
чл.418 од КЗ.
Единствено, во текот
на 2000-та година во Основното јавно обвинителство - Охрид е поднесена
една кривична пријава против 2 лица за кривичното дело по чл.418
од КЗ, кои се македонски државјани.
Заклучни согледувања
Непосредни извршители
на овој вид криминал се домашни државјани и делата се извршуваат
на класичен начин - со нудење женски лица на услуга за сексуално
задоволство, за што најчесто се користат угостителски објекти. Посебно
за одбележување е тоа што женските лица најчесто се странски државјанки,
пред се од соседните СР Југославија и НР Бугарија, како и од Романија,
Моладавија и Украина. На ваквиот интернационален состав "учесници"
во извршувањето на ова кривично дело секако му погодуваат пред се
состојбите на : невработеноста, нискиот животен стандард, како рефлексија
на севкупните состојби низ кои минуваат земјите во транзиција, а
од друга страна на оваа појава и погодува зголемената побарувачка
на овој вид "услуги" заради зголемениот број странски државјани
во земјата најчесто како членови на воени или други мисии.
Основниот проблем
кој се јавува во функцијата на кривичното гонење, а како што е видно
од веќе изнесените податоци, е тоа што и она што е откриено и пријавено
како проституција, од страна на оштетените, чии искази во најголем
дел се и единствени докази, ги наведува оштетените да не ги кажуваат
лицата кои ги вработуваат и подведуваат на проституција.
Ваквите состојби бараат
дополнително ангажирање на органите за откривање - МВР со употреба
на нови начини и методи со поголема сигурност во основаноста на
сомнението и секако со несоборливи докази за поткрепа на истото,
како и тимска постојана соработка со јавното обвинителство.
Потребно е зајакнување
на контролата при влезот на Република Македонија, како на легалните,
така и на илегалните премини, со цел да се спречи нерегуларниот
влез на жени и малолетни девојки од нашата земја, а кои се внесуваат
со единствена цел за вршење проституција.
Потребна е перманентна
контрола на органите за внатрешни работи во соработка со финансовата,
санитарната и трудовата инспекција во сите барови и мотели за кои
имаа сознанија дека во истите се врши проституција.
Со оглед на природата
на ова кривично дело и со сите негови последици и фактот дека во
последна година оваа појава бележи тенденција на зголемување, а
имајќи ја предвид казнената политика досега потребно е поострување
на казнената политика , бидејќи од доминантното изрекување на парични
и условни осуди неможе основано да се очекува дека ќе биде исполнета
целта на казнувањето.
Како посебна особеност
која поради својата тежина мора да се потенцира како од изнесените
податоци неможе со сигурност да се верификува, но со сигурност може
да се насети, е појавата на организираноста, манифестирана преку
вршењето на ова кривично дело. Покрај погоре изнесените причини
кои продуцираат и погодуваат на зачестеноста на ова кривично дело,
без оглед на тоа дали е тоа регистрирано или не, за појавата на
организираниот криминал во оваа свера доминантна компонента е високиот
профитабилен ефект како резултата на големата побарувачка и лесниот
начин на обезбедување добра и квалитетна понуда.
Имајќи во предвид
дека проституцијата има меѓународни размери, треба да се напушти
мислењето дека решавањето на проблемите со истата треба да ги има
само полицијата. Потребна е постојана превентивна активност во борбата
против овој вид криминал, во која ќе бидат вклучени
со активности не само
државни органи за прогонот, но и други невладини организации и институции.
ЈАВНО
ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|