ПОЧЕТНА
СТРАНА

ИНФОРМАЦИИ ЈАВЕН
ОБВИНИТЕЛ
ОСНОВНИ
ИНФОРМАЦИИ
СЕКТОРИ СТРУКТУРА И
ОРГАНИЗАЦИЈА
ПРОПИСИ КОНТАКТ

И Н Ф О Р М А Ц И Ј А

ЗА ПОСТАПУВАЊЕ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ВО ГОНЕЊЕ НА СТОРИТЕЛИТЕ НА КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ЧОВЕЧНОСТА И МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО И ПРОТИВ ДРЖАВАТА

Во врска со прашањето како да се разреши актуелната состојба по однос на откривање, гонење и пресудување на кривични дела кои се однесуваат на кривичните дела против државата и кривичните дела против човештвото и меѓународното право, како и по однос изјавата на Претседателот на Република Македонија за амнестија, која беше потврдена и од Владата на Република Македонија, Ве известуваме дека Јавното обвинителство на Република Македонија согласно Уставот и Законот за јавно обвинителство нема уставни и законски овластувања во врска со амнестијата. Јавниот обвинител на Република Македонија нема законско овластување да потпишува изјави со сила на акт на амнестија, бидејќи согласно чл.68 од Уставот на Република Македонија и чл.113 од Кривичниот законик, амнестијата може да се даде само со закон што го донесува Собранието на Република Македонија.

Кривичното законодавство на Република Македонија обезбедува заштита на слободите и правата на граѓаните предвидени во меѓународните договори и конвенции и пропишува повеќе кривични дела во посебна триесет и четврта глава во Кривичниот законик и тоа Кривични дела против човечноста и меѓународното право. За овие кривични дела карактеристично е тоа што во принцип, законските битија на делата се преземени од меѓународните конвенции и тоа Конвенција за спречување и казнување на злосторот на геноцид на Генералното собрание на ООН од 1948 година, Женевската конвенција за заштита на цивилните лица од 1949 година, Женевската конвенција за постапување со воени заробеници, Конвенцијата за заштита на културните добра во случај на вооружен судир, Европската конвенција за човекови права и многу други меѓународни договори и конвенции.

Со инкриминацијата на овие кривични дела се заштитуваат мирот и човечноста, особено со предвидените кривични дела на воени злосторства и против меѓународното право. Карактеристично за сите овие кривични дела е тоа што наребодавачите за извршување на делата се одговорни за нивното извршување како и самиот непосреден извршител. Во оваа глава се предвидени 20 кривични дела против човечноста и меѓународното право и тоа како кривичните дела - Геноцид од чл.403, Воено злосторство против цивилното население од чл.404, Воено злосторство против ранети и болни и против воени заробеници од чл.405 и чл.406, Употреба на несоодветни средства во борба од чл.407, Организирање на група и поттикнување на извршување на геноцид и воени злосторства од чл.408, Меѓународен тероризам од чл.419, Земање на заложници чл.421, Уништување на културни и историски споменици од чл.414, и други кривични дела. Тероризмот како светски проблем претставува најголемо зло за човештвото и битката против тероризмот е обврска на секоја држава, а таа обврска произлегува од голем број меѓународни акти на Организацијата на Обединетите нации, Советот на Европа и на други меѓународни специјализирани органи и организации.

Во членот 404 од Кривичниот законик е предвидено кривично дело Воено злосторство против цивилното население. Кривичното дело го извршува тој што во време на вооружен судир ги повредува прописите на меѓународното право - Женевската конвенција за заштита на цивилните лица, со тоа што врши напад врз цивилното население, убиства, мачење и нечовечно постапување, силување, примена на мерки на застрашување и терор, земање на заложници, грабеж и намерно заради етничко чистење, уништување на имотот на населението и неговите светилишта, за кое кривично дело е пропишана казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

По барање на јавните обвинителства се спроведува кривична постапка против повеќе лица за ова и други кривични дела против човечноста и меѓународното право. Кривичната постапка е започната поради тоа што повеќе десетици лица се киднапирани од вооружените албански терористички банди на т.н. ОНА, и се подложени на мачење и терор со големи размери, силување и нанесување на телесни повреди, физичко и психичко малтретирање од најбрутален вид, што има трајни последици врз душевното и телесното здравје на тие лица. И денес, после повеќе месеци ништо не се знае за 12 киднапирани лица од албанските терористички групи на т.н. ОНА, што претставува тежок злостор спрема цивилното население и што е спротивно на Конвенцијата за постапување спрема цивилното население. Започната е кривична постапка против повеќе лица организатори и т.н. команданти на вооружената албанска екстремна терористичка организација т.н. ОНА за тешки злосторства и убиства на подмолен и суров на чин на припадници на армијата и полицијата, на цивилни лица и нанесување на телесни повреди на голем број на лица.

Јавните обвинителства на Република Македонија тргнувајќи од своите уставни и законски надлежности, а во врска со континуираниот напад на уставниот поредок, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, од почетокот на јануари 2001 година , за кривични дела против државата, против јавниот ред и против човечноста и меѓународното право, постапувале по кривични пријави поднесени од МВР против 169 лица, од кои: за кривично дело Тероризам од чл.313 од КЗ против 66 лице; за кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл.324 против 67 лица; за кривично дело Диверзија од чл.314 од КЗ, Геноцид од чл.403, Воени злосторства против цивилното население чл.404 од КЗ и Уништување на културно историски споменици од чл.414 од КЗ против 11 пријавени лица; за кривично дело Неовластено држење на оружје или распрскувачки материи од чл.396 против 25 лица.

Јавните обвинителства поднеле 100 барања за спроведување на истрага и предлози за преземање на определени истражни дејствија и подготвителни постапки, а мерката притвор е одредена против 77 лица.

По спроведените постапки, подигнати се обвиненија против 93 лица. Судовите донеле 74 пресуди, од кои 68 осудителни, 4 ослободителни и 2 одбивателни. Против 40 лица е изречена казна затвор која зависно од тежината на стореното кривично дело се движи од 6 месеци до 6 години. Од осудените лица 34 се осудени за кривично дело Тероризам од чл.313 од КЗ а 30 се осудени за кривично дело Недозволено држење на оружје и распрскувачки материи од чл.396 од КЗ и 4 лица се осудени за кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл.324 од КЗ, а против останатите обвинети лица постапката е во тек.

Како реакција на злосторничките напади на албанските терористи и грозоморните убиства на војници и полицајци на Република Македонија на подрачјето на Тетово, група граѓани во Битола во два наврати извршиле палење и уништување на имотот претежно на граѓани од албанска националност поради што надлежното јавно обвинителство во Битола покрена кривична постапка против 54 лица за кривично дело Тешки дела против општата сигурност по чл.292 од КЗ и кривично дело Учество во толпа од чл.385 од КЗ.

* * *

Согласно чл.118 од Уставот на Република Македонија, меѓународните договори ратификувани согласно Уставот се составен дел на внатрешниот правен поредок и тие мора да се почитуваат, а во чл.98 од Уставот на Република Македонија се наведува дека судовите судат врз основа на Устав , закон и меѓународни договори ратификувани согласно Уставот.

Република Македонија е должна да постапува согласно меѓународните договори и не смее да биде изложена на ризик, да биде повикана на одговорност пред меѓународната заедница и меѓународните институции, заради тоа што не ги почитува меѓународните договори и конвенции или заради тоа што не го почитува сопственото законодавство усогласено со тие меѓународни договори и конвенции, како што е гонењето на сторителите на кривични дела Против човечноста и меѓународното право, кои кривични дела не застаруваат, како и гонењето на тероризмот, како светско зло. Спрема тоа, случаите во врска со масакрот на војниците и полицајците кај Вејце, подмолното убиство на војниците кај месноста викана Карпалак, на Љуботенски пат, етничкото чистење, киднапирање на стотици цивилни лица и сурово мачење на тие лица, силување и заради етничко чистење, уништување на имотот со палење и грабеж, со уништување на семејни и стопански објекти на монструозен начин со врзување на експлозив за тела на цивилни лица - мотел Брвеница, со уништување на културно историски споменици и светилишта, согласно изјавата на Претседателот на Република Македонија, потврдена и од Владата на Република Македонија, неможат да бидат предмет на амнестија.

Јавното обвинителство на Македонија како орган надлежен за кривичното гонење, ги има во предвид континуираните нарушувања на мирот со континуирано пукање во ноќните часови во кризните региони од повеќе оружја и од повеќе места и после формалното распуштање на т.н. ОНА и разоружувањето на припадниците на т.н. ОНА со предавањето на околу 3.300 пушки и орудија, но, тоа не значи дека за тоа што сега се чини и за натамошните грабежи што се вршат континуирано и денес, дека неможе да се преземе кривично гонење. Од формалното распуштање на т.н. ОНА и разоружувањето на припадниците на т.н. ОНА , нема започнато кривична постапка за кривично дело - Недозволено држење на оружје и распрскувачки материи од чл.396 од КЗ, за лица кои доброволно го предале оружјето, ниту за тоа има поднесено кривични пријави. Меѓутоа, исто така не значи дека неможе да се спроведува кривична постапка против оние лица кои и денес неовластено држат оружје или распрскувачки материи и со тоа претставуваат закана за мирот, закана за граѓаните и враќање во нивните домови од етнички исчистените села и враќањето на довербата.

Тргнувајќи од уставните и законските овластувања содржани во меѓународните договори и конвенции и во домицилното кривично законодавство, нема основ за амнестија за злосторници кои ги прекршиле елементарните норми на човечкото однесување и повеќекатно ги прекршиле меѓународните договори и конвенции, со што сториле тешки дела против човечноста и меѓународното право кои не застаруваат.

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА