ПОЧЕТНА
СТРАНА

ИНФОРМАЦИИ ЈАВЕН
ОБВИНИТЕЛ
ОСНОВНИ
ИНФОРМАЦИИ
СЕКТОРИ СТРУКТУРА И
ОРГАНИЗАЦИЈА
ПРОПИСИ КОНТАКТ

С О О П Ш Т Е Н И Е - 19.03.2002

На 19.03.2002 година, Јавниот обвинител на Република Македонија г-дин Ставре Џиков ги прими и одржа работна средба со преставници од групацијата ГРЕКО при Советот на Европа за сузбивање на корупцијата.

На работната средба присуствуваа и првиот заменик на Јавниот обвинител на Република Македонија г-дин Михајло Маневски, преставници на Јавното обвинителство и на Вишите јавни обвинителства на Скопје и Штип.

Јавниот обвинител на Република Македонија ги запозна преставниците од групацијата ГРЕКО со функционирањето на Јавното обвинителство и мерките и активностите што ги презема во соработка со други органи во борба против корупцијата.

На делегацијата на Советот на Европа и беа презентирани конкретни податоци дека за кривичните дела Примање поткуп од чл.357 и Давање поткуп од чл.358 од Кривичниот законик во времето од 1999 година до 2001 година биле поднесени кривични пријави против 161 лице, барања за спроведување истрага против 106 лица и биле поднесени обвиненија против 91 лице. Во тој временски период за овој вид кривични дела биле донесени 101 пресуда и тоа на казна затвор биле осудени 37 лица, а условна осуда и парична казна била изречена спрема 64 лица.

Од страна на преставниците од Јавното обвинителство се истакнаа проблемите што се среќаваат при откривањето и гонењето на сторителите на вакви кривични дела, со оглед на уставните ограничувања со кои неможат да се преземат определени оперативни дејствија и современи технички средства и методи што се неопходни за борба против корупцијата.

Делегацијата беше информирана дека е во тек постапка за измена на чл.17 од Уставот на Република Македонија и донесување на посебни закони за следење на корупцијата и во тек се постапки за измена на Кривичниот законик, Законот за кривична постапка и Законот за јавно обвинителство.

Делегацијата беше запозната со законската поставеност на Јавното обвинителство, именувањето на јавните обвинители, имунитетот на функционерите и законските можности за нивно кривично гонење доколку се јават како сторители на вакви кривични дела, како и во врска со едукација на јавнообвинителските кадри за поуспешно вршење на функцијата на сузбивање и гонење на организиран криминал и корупција.

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА