|
ИНФОРМАЦИЈА
(18.11.2001)
Во
врска со неослободените киднапирани лица од страна на терористичката
банда т.н. ОНА, во тетовско и наводната масовна гробница во близина
на с. Непроштено
Во рамките на кривичните
пријави и посебните извештаи доставени од Министерството за внатрешни
работи до Јавното обвинителство за злосторничките дејствија кои
ги преземала терористичката банда т.н. ОНА на територијата на Република
Македонија посебно место опфаќа делот за стотина киднапирани и малтретирани
лица без оглед на националната припадност. Целта на овие киднапирања
и малтретирања е да се етнички исчистат областите и селата во кои
покрај припадници на албанското малцинство егзистираат и Македонски
граѓани од друга национална припадност и вероисповест, најчесто
Македонска.
Поголемиот дел од
киднапираните лица по различно временско задржување и по тешко малтретирање
се пуштени од терористите, најчесто по интервенција на Меѓународните
организации.
Петнаесетина лица
киднапирани од селата од околината на Тетово и од самиот самиот
град до ден денес не се вратени во своите домови и покрај сите напори
на нивните роднини, како сами така и преку надлежните органи меѓународните
институции присутни во Република Македонија.
Тоа се лицата: Андреја
Ристовски (37) од с. Доброште, киднапиран на 04.07.2001 г.; Цветко
Михајловски (55) од с. Непроштено, киднапиран на 23.07.2001г.; Васко
Михајловски од с. Непроштено, Димитрие Димовски(62) од Тетово, Роби
Михајловски (19) од с.Теарце, тројцата киднапирани на 24.07.2001г.;
Илко Трајковски, Васко Трајчевски, Ѓоко Синадиновскии Бобан Ефтимовски,
сите од Тетово, а киднапирани на 26.07.2001 г.;Дејан Димитриевски
(19) и Никола Н., двајцата од с. Брвеница, а киднапирани на 18.08.2001
г.; Крсто Гоговски (70) од с. Непроштено киднапиран на 24.07.2001
г.:Султан Мемети од с. Радуша, скопско, киднапиран на 06.06.2001
г., Бошко Димитриевски(56) и Славко Димитриевски двајцата од с.
Беловишта и киднапирани на 31.08.2001 г.
До Јавното обвинителство
на Република Македонија на ден 09.10.2001 година е поднесена анонимна
претставка во која меѓу другото се наведува дека киднапираните лица
од страна на терористичката банда т.н. ОНА, а кои до ден денес не
се ослободени, се убиени и закопани во една дупка во непосредна
близина на патот од с. Џепчиште кон с.Требош, тетовско на 150 метри
долж каналот кон с. Непроштено. Во прилог на анонимната претставка
е доставена рачно исцртана скица за местоположбата на наводната
гробница.
Имајќи предвид да
Јавниот обвинител како државен орган согласно член 140 ст.1 од Законот
за кривична постапка е должен да постапува и кога за некој настан
ќе дознае на некој друг начин, Јавниот обвинител на Република Македонија,
истиот ден согласно член 9 ст. од Законот за јавно обвинителство
со писмо ја достави анонимната претставка до ВД Виш јавен обвинител
во Вишото јавно обвинител во Скопје на понатамошно надлежно постапување
и доколку има потреба согласно член 244 од Законот за кривична постапка
да се проверат наводите од истата.
ВД Вишиот јавен обвинител
ОД Скопје на ден 09.10.2001 година(вторник) оствари состанок со
Основниот јавен обвинител од Тетово и Началникот на Управата за
државна безбедност и контраразузнавање на кој состанок се рагледани
можностите за Јавнообвинителско постапување, а од Началникот на
УДБК добиени се сознанија за постоење и на други " јами" и за постоење
на сведоци кои би го потврдиле постоењето на гробниците и би го
покажале местото на истите. Со писмо во прилог на кое е доставена
и службена белешка од 16.10.2001 година за одржаниот состанок ВД
Вишиот јавен обвинител од Скопје го известова Јавниот обвинител
на Република Македонија запознавајќи го со можностите од превземање
на процесни активности, од една страна и од друга страна со барање
да преку контакти на Јавниот обвинител на Република Македонија и
Министерството за внатрешни работи да се овозможи реализација на
потребните процесни дејствија.
За податокот дека
до Јавното обвинителство на Република Македонија е доставена анонимна
претставка во која се наведува дека киднапираните, неослободени
лица во Тетовско се убиени и закопани во заедничка гробница со приложена
рачно нацртана скица, Јавниот обвинител на Република Македонија
на 15.10.2001 година писмено ги извести: Министерот за внатрешни
работи г. Љубе Бошковски, Директорот на бирото за јавна безбедност
г. Горан Митевски и Советникот за национална безбедност на Претседателот
на Република Македонија, г.Стево Пендаровски.
На ден 30.10.2001
г. (петок) Јавниот обвинител на Република Македонија во својот кабинет
ги прими роднините на киднапираните лица од Тетово и околината,
на која средба Обвинителот беше запознат со сознанијата кои ги имаат
овие роднини во врска со местото и начинот на кои тие биле куднапирани,
Роднините на киднапираните лица го известија Јавниот обвинител и
за нивните средби со претставниците на власта и меѓународните институции
во Република Македонија.
На барање на Министерот
за внатрешни работи г. Љубе Бошковски, на ден 04.11.2001 година
(недела) во Кабинетот на министерот е одржан состанок со претставници
на Европската мониторинг мисија, ОБСЕ, НАТО, Хашкиот трибунал (
ИЦТЅ ), МКЦК, КФОР и претставници на " Килибарната лисица". Покрај
Министерот на средбата присуствуваа Јавниот обвинител на Република
Македонија г. Ставре Џиков, директорот на Бирото за јавна безбедност
г. Горан Митевски и Потсекретарот на Полиција Генерал Ристо Галевски.
Целта на овој состанок е информирање на претставниците на Меѓународните
организации во Република Македонија за деталите околу сознанијата
со кои располага МВР за масовната гробница во близина на с.Непроштено
- тетовско, за која во јавноста се презентираа голем број шпекулации.
Во таа насока Министерот презентираше некои од деталите во врска
со сознанијата за постоење на масовна гробница во близина на с.Непроштено,
во која се закопани шестмина од дванаесетте киднапирани македонски
државјани, а исто така е побарано од преставниците на меѓународните
организации да дадат подршка и да се изјаснат за своето учество
во постапката за разоткривање на гробницата во с.Непроштено. При
тоа, преставникот на ЕММ истакна дека тие со свои експерти може
да се вклучат доколку Хашкиот трибунал тоа го побара од нив,но и
за тоа треба да се добие одобрение од Централата на ЕММ во Виена.
Сличен став имаат и другите преставници на меѓународните организации
при што преставникот од канцеларијата на НАТО во Република Македонија
наведе дека тие не се набљудувачи, немаат таков мандат туку ги обезбедуваат
набљудувачите. Од преставникот на Кнцеларијата на Хашкиот Тибунал
во Република Македонија г-дин Андреј Шидлик е истакнато дека тој
веднаш по состанокот ќе го информира седиштето во ХАГ за да добие
насоки и дека тоа ќе биде во рок од два - три дена.
Директорот на Бирото
за јавна безбедност во МВР г-дин Горан Митевски, на ден 9 ноември
2001 година(петок) свикал состанок со преставници на меѓународните
организации во РМ на кој состанок беа повикани НАТО, Канцеларија
за врски во Скопје, НАТО сили "Килибарна лисица", преставник од
Хашкиот трибунал во Скопје г-Андреј Шидлик, офицерот одговорен за
безбедноста на сите организации на ООН во РМ, и заменикот на генералот
на полицијата г-дин Зоран Јовановски. Целта на овој состанок беше
информирање на меѓународните организации, за планот на македонските
безбедносни сили за отпочнување со операцијата на ексхумација на
лицата жртви на терористите од т.н. ОНА за која се верува дека се
закопани во масовна гробница во близина на с.Непроштено - тетовско.
Од страна на директорот е нагласено дека од нивна страна се направени
сите потребни подготовки во смисол на подготвеноста на експертите
од Институтот за судска медицина на чело со професор Д-р Алексеј
Дума како и експертите од одделот на криминалистичка техника во
МВР. Од страна на директорот присутните се информирани дека на ден
10 ноември 2001 година (сабота) во раните утрински часови се планира
отпочнување на операцијата со обезбедување на теренот околу местото
на кое се верува дека се наоѓа масовната гробница по што ќе се изврши
проценка на безбедносната ситуација и сите можни ризици кои можат
да се појават на теренот, а истите ќе бидат презентирани на состанок
кој е закажан истиот ден во 14 часот, на кој состанок се поканети
сите присутни и престаниците на ОБСЕ и ЕУММ.
По барање на Претседателот
на Република Македонија г-дин Борис Трајковски на 10.11.2001 година
(сабота) во 11 часот во неговиот кабинет е одржана средба на која
покрај Претседателот на Република Македонија г-дин Борис Трајковски
и Министерот за внатрешни работи г-дин Љубе Бошковски присуствуваа
и Јавниот обвинител на Република Македонија г-дин Ставре Џиков,
Советникот за Национална безбедност на Претседателот на РМ г-дин
Стево Пендаровски, Директорот на БЈБ - МВР г-дин Горан Митевски,
Заменик на потсекретарот на Полиција Служба Полковник Зоран Јовановски,
г-дин Леруа - специјален пратеник на ЕУ, г-дин Норберг - специјален
амбасадор на ЕУ, Генерал Ханц Герог Керл - НАТО, г-дин Калус Фолерс,
амбасадор на НАТО во РМ Крек Џенис, амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ
во РМ и г-дин Хауард Такер, експерт на Хашкиот трибунал. На овој
состанок г-динот Претседателот Трајковски даде изрична наредба полициските
сили да ја отпочнат операцијата на обезбедување на теренот околу
местото за кое што се има информации дек се наоѓа масовната гробница.
На 11.11.2001 година
(недела) во 11 часот по барање на Претседателот Борис Трајковски
повторно беше одржан заеднички состанок со првите преставници на
меѓународната заедница г-дин Ален Ле Руа специјален преставник на
ЕУ, г-дин Клаус Волерс, амбасАДОР НА нато ВО Република Македонија,
г-динот Џенис Крег амбасадор на ОБСЕ како и Министерот за внатрешни
работи г-дин Љубе Бошковски и Јавниот обвинител на РепубликаМакедонија
г-дин Ставре Џиков. Претседателот инсистираше полициските сили да
одат на местото за кое се има сознание дека на тоа место се наоѓа
масовна гробница, во близина на с. Непроштено и со тоа да се започне
првата фаза од постапката за ексхумација - обезбедување на теренот.
Во вечерните часови
припадниците на МВР во кукавичка, подмукла заседа се пречекани и
нападнати од терористи при што околу 21,30 часот на патот кон с.Требош
злосорнички се убиени тројца припадници на МВР и тројца се ранети.
За криминалниот злосторнички настан и за жртвите беа известени преставниците
на меѓународната заедница како и г-дин Андреј Шидлик, преставник
на Хашкиот трибунал.
Од овие причини постапката
за обезбедување на местото на масовната гробница од страна на припадници
на МВР е запрена.
На 13.11.2001 година
(вторник) повторно по барање на Министерот Љубе Бошковски е одржан
состанок на кој присуствуваа Јавниот обвинител на Република Македонија
г-дин Ставре Џиков, Потсекретарот на Полиција Служба Генерал Ристо
Галевски, Директорот на БЈБ Горан Митевски, г-дин Ален Ле Роа преставник
на ЕУ, г-дин Андреј Шидлик - Хашки Трибунал, г-дин Клаус Волерс
- НАТО, г-дин Џенис Крег амбсадор на мисијата на ОБСЕ во РМ, специјален
пратеник г-дин Сери.
На овој состанок е
разгледана новонастанатата ситуација во врска со ексхумацијата која
треба да се изведе и која треба да продолжи во првиот момент по
задничката оценка дека се создадени услови за тоа.
ЈАВНО
ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|