ПОЧЕТНА
СТРАНА

ИНФОРМАЦИИ ЈАВЕН
ОБВИНИТЕЛ
ОСНОВНИ
ИНФОРМАЦИИ
СЕКТОРИ СТРУКТУРА И
ОРГАНИЗАЦИЈА
ПРОПИСИ КОНТАКТ

ИНФОРМАЦИЈА (18.11.2001)

Во врска со настаните и случувањата на подрачјето на с.Љуботен-Скопско,
во периодот од 10,11,12 и 14 Август 2001 година

Јавното обвинителство на Република Македонија преку Основното јавно обвинителство на 10.08.2001 година по писмен пат е известено за пријава од надлежниот орган за внатрешни работи, дека истиот ден кај месноста Љуботенски бачила околу 08.00 часот, на шумскиот пат меѓу селата Љубанци и Љуботен возило на АРМ наишло на две нагазни мини, поставени од албанските терористи, при што од експлозијата загинале 8 војници, а 8 биле потешко и полесно повредени. По експлозијата, над припадниците на АРМ, од страна на албанските терористи е отворен оган од пешадиско оружје, на што од страна на армиските сили е возвратено.Во следните денови, 11 и 12. 08. 2001 година од страна на албански терористички групи лоцирани во с.Љуботен, повторно е извршен вооружен напад над позициите на безбедносните сили стационирани во тој реон.

Заради зачестеноста на вооружените напади од страна на терористичките групи стационирани во с.Љуботен, директно насочени кон безбедносните сили на Република Македонија, како и со цел да се спречи проширувањето на терористичките дејствија на поширокото подрачје, во овој период безбедносните сили презеле акција за разбивање на терористичките групи во с.Љуботен, при што имало загинато припадници на таканаречената ОНА.

За настаните на 10,11 и 12 .08.2001 година од страна на Дежурниот оперативен центар при Министерството за внатрешни работи, биле известени дежурен заменик на Основниот јавен обвинител и истражен судија, со цел да биде извршен увид на лице место, а согласно чл.230 од ЗКП, заради утврдување и разјаснувањена и непосредно забележување на битни факти во врска со настаните, но со оглед да патот и теренот во овој реон не биле безбедни не постоела никаква можност за вршење увид на лице место.

По ова од страна на Министерството за внатрешни работи согласно законските овластувања предвидени во чл.142 ст.1 и чл.147 ст.1 од ЗКП, а заради постоење на основано сомнение дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, презело потребни мерки, за пронаоѓање на сторителите на терористичките напади, со цел истите да не се скријат, побегнат, како и да се откријат и обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ.

Од страна на Министерството за внатрешни работи приведени се 73 лица од с.Љуботен. По приведувањето на овие лица согласно чл.143 ст.2 од истите се земени-парафински ракавици и по утврденото присуство на барутни честички кај 27 лица, против истите поднесени кривични пријави до Основното јавно обвинителство-Скопје, поради основано сомнение дека сториле кривично дело Тероризам од чл.313 од Кривичниот законик и Казнување за подготвување на кривично дело Тероризам од чл.326 в.в чл.313 од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство-Скопје постапувајки по кривичните пријави против обвинетите: Бајрами Неваип, Рамадани Исмаил, Бајрами Веби, Рамадани Бекир, Рамадани Осман, Амети Амет, Ќаиљи Атула, Аметовски Адем, Ахметовски Хамди, Мемеди Фаруш, Муртезани Муртезан, Зенделовски Сулејман, Зендели Бејтула, Алиевски Љатив, Али Исни, Зендели Суат, Муртезани Бурхан, сите од с.Љуботен-скопско на 14.08.2001 година до истражниот судија на Основниот суд Скопје поднесе Барање за спроведување на истрага со предлог за одредување на мерка притвор, согласно чл.150 и 151, а в.в. со чл.184 ст.1 т.1,2 и 3 од Законот за кривична постапка и против малолетниот Зендели Раметула , поднесе Барање за поведување на подготвителна постапка со предлог за определување мерка притвор и Предлог за спојување на постапката врз основа на чл.455 ст. 1 , в.в. со ч.459 ст.1 и чл.442 ст.2 од ЗКП.

Истражниот судија на Основниот суд Скопје 2 Скопје, постапувајки по барањето на Основното јавно обвинителство, против обвинетите донесе Решение за спроведување на истрага поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело-Тероризам од чл.313 од Кривичниот законик, и против сите обвинети го прифати предлогот за определување мерка притвор.

Од страна на судијата за малолетници на наведениот суд против малолетниот Зендели Раметула, донесено е Решение за поведување на Подготвителна постапка, за истата правна квалификација, и е определена мерка притвор.

На 14.08.2001 година во 12,55 часот во Министерството за внатрешни работи добиено е известување дека во с.Љуботен се пронајдени 5 леша и за настанот веднаш е формирана увидна екипа, составена од истражен судија на Основниот суд Скопје 2 во Скопје, заменик на Основниот јавен обвинител во Скопје и други стручни лица од Министерството, која требало да изврши увид на лице место, согласно чл.230 од Законот за кривична постапка. Наведената увидна екипа и покрај континуираното следење на безбедносната состојба во с.Љуботен од страна на Министерството за внатрешни работи, не успеала да ги изврши своите службени овластувања од безбедносни причини, поради зачестени пукања од огнено оружје и постојана раздвиженост на вооружени лица од терористичките групи.

Истиот ден во попладневните часови кога заменикот на Основниот јавен обвинител и истражниот судија заедно со увидната екипа, повторно се обиделе да влезат во с.Љуботен и да извршат увид во врска со загинатите 5 припадници-трористи на таканаречената ОНА, од припадниците на Министерството за внатрешни работи се известени дека од лешевите се погребани на селските гробишта од месното население на селото, во присуство на припадници на вооружени албански терористи.

Поради тоа што лешевите биле погребани и не е извршена обдукција согласно чл.244 ст.1 и 2 од Законот за кривична постапка, надлежниот Јавен обвинител согласно чл.148 ст 1 од наведениот Закон, до надлежниот истражен судија поднесе Предлог за преземање одделни истражни дејствија, со цел да се изврши ексхумација, преглед и обдукција заради утврдување на идентитетот на петте леша закопани во месните гробишта на с.Љуботен, утврдување на причините за нивната смрт, време на смртта и околностите под кои таа настанала. Предложено е ексхумацијата, прегледот и обдукцијата да се доверат на Институтот за судска медицина и криминалистика при Медицинскиот факултет во Скопје.

Од посебна важност е да се напомене дека од страна на месното население во с.Љуботен не е побарана средба со Јавниот обвинител на Република Македонија, ниту пак е доставена писмена претставка за настаните кои се случиле на наведениот датум, во смисла на чл.144 ст.2 од Законот за кривична постапка, со што би се користел институтот-Допрен глас.

ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Ставре Џиков