|
И
Н Ф О Р М А Ц И Ј А
за соработката на Јавното обвинителство на Република Македонија
со меѓународните институции и организации
Јавниот обвинител
на Република Македонија во врска со нападите на злосторничките теориристички
банди на т.н. ОНА, кои се стремат да го урнат уставниот поредок
и да ја нарушат територијалната целина на Република Македонија,
а со цел на откривање и гонење на сторителите на кривични дела против
државата, против јавниот ред и против човечноста и меѓународното
право, од почетокот на криминалната агресија во јануари па до денес,
оствари повеќе средби и контакти со претставници на меѓународни
организации и институции.
-
I -
ОБСЕ е организација
за безбедност и соработка во Европа. Пристапот на ОБСЕ кон безбедноста
е сеопфатен и соработувачки во справувањето со широкиот спектар
на работи врзани со безбедноста, вклучувајќи ја контролата на оружјето,
превентивната дипломатија, доверливите и безбедносните мерки, човековите
права, демократизацијата, набљудувањето на изборите, економската
безбедност. Соработката е со карактер на рамноправен статус на сите
членки на ОБСЕ, а одлуките се засновуваат на договор.
Започнувајќи со Парискиот
самит, па преку Лисабонскиот самит, ОБСЕ минува низ процесот на
редефинирање на својот идентитет и на задачите во новонастанатата
ситуација и односите во Европа, со што почнува нејзината трансформација
во автентична мултилатерална организација, со првенствена задача
на планот на превенција на конфликтите. Македонија е потписник и
ги почитува сите релевантни документи на ОБСЕ и својата политика
ја темели врз овие значајни политички принципи.
На ден 11.5.2001 година,
во просториите на Јавното обвинителство на Република Македонија,
Јавниот обвинител оствари средба со г-ѓа Ајлин Симпсон советник
за човекови прашања при ОБСЕ, а во врска со масакрирањето на осумте
војници на Армијата на РМ во с.Вејце - тетовско, што се случи на
28.4.2001 година. Госпоѓата Симпсон беше информирана за текот на
постапката за овој настан, како и за подготвеноста на Јавното обвинителство
на Република Македонија да соработува со меѓународната заедница
преку презентирање на докази, за да истата биде објективно информирана
за она што се случува во Република Македонија. Исто така беше укажано
и на потребата од меѓународна соработка во борбата против тероризмот
која особено се огледа во решавањето на проблемот во Косово и тоа
со изолација на терористите, запирањето на финансирањето на терористичките
организации, комплетно разоружување на УЧК, бидејќи е неспорно дека
постои тесна врска помеѓу т.н. ОНА и криминалните групи што дејствуваат
на територијата на Косово.
На ден 7.8.2001 година,
Јавниот обвинител на Република Македонија оствари средба со г-дин
Карло Унгаро на која беше потенцирана потребата од постојана соработка
помеѓу Јавното обвинителство и ОБСЕ. Воедно од страна на јавниот
обвинител беше укажано на проблемите кои се јавуваат во соработката
со мисијата на ОБСЕ, како и на потребата од нивно надминување во
иднина, за која цел беше договорено во иднина да се одржуваат состаноци
на кои ќе има взаемно информирање и размена на податоци до кои што
ќе доаѓаат двете страни, а кои се од обостран интерес.
На 22.8.2001 година,
во просториите на Јавното обвинителство на РМ беше остварен работен
состанок помеѓу г-ца Ајлин Симпсон - советник за човечки прашања
при мисијата на ОБСЕ во Скопје и Јавниот обвинител на РМ и заменикот
јавен обвинител назначен за координатор за соработката помеѓу јавното
обвинителство и мисијата на ОБСЕ, на кој беа отстранети недоразбирањата
до кои дојде помеѓу јавното обвинителство и претставниците на ОБСЕ,
кога на Јавниот обвинител не му беше овозможено да излезе на местото
на настанот во с.Лешок каде од страна на вооружените албански терористички
банди беше дигната во воздух црквата "Св. Атанасиј" лоцирана во
манастирскиот комплекс и дека според заедничкото наоѓање излегувањето
на местото на настанот не било можно од безбедносни причини. Со
цел да се избегнат евентуални идни недоразбирања, а за да се оствари
заедничко дејствување при вакви немили настани, на средбата беа
утврдени основите и насоките според кои ќе се остварува соработката
помеѓу јавното обвинителство и мисијата на ОБСЕ.
-
II -
Европската унија -
ЕУ е формирана со цел да ја зголеми економската интеграција и да
ја зајакне соработката помеѓу нејзините членки. Таа е редефинирана
во 1993 година со договорот од Мастрихт, ратификуван од 12 членки
од Европската заедница. Со договорот се гарантираат правата на граѓаните
на сите членки на унијата. Царинските и миграционите договори се
подигнати на повисоко ниво, за да им овозможи на европските граѓани
поголеми слободи и права во животот, работата и образованието во
било која држава членка. Европската унија е отворен сојуз и во неа
може да стане членка секоја држава која ќе ги исполни определените
критериуми и стандарди. За која цел Европската унија има склучено
договори за асоцијација. Република Македонија чија стратешка определба
е членството во Европската унија склучи договор за стабилизација
и асоцијација преку кој, а доколку ги исполни определените стандарди
и критериуми ќе може да стане рамноправен член на унијата. Оттука
е постојаната соработка на Република Македонија и Европската унија.
На ден 21.3.2001 година,
Јавниот обвинител на Република Македонија оствари средба со г-дин
Диминик Лапран - експерт во Одделението за национална помош при
Одделението на европската комисија во Европската унија на која се
разговараше за организацијата на обвинителството, просторната сместеност
и опременост, едукацијата на обвинителите, нивното напредување во
кариерата и развојните перспективи, за што ќе биде потребна поинтензивна
соработка помеѓу јавното обвинителство и Европската комисија.
На ден 7.5.2001 година,
во просториите на Јавното обвинителство на Република Македонија
во името на Јавниот обвинител на Република Македонија, заменикот
јавен обвинител Михајло Маневски оствари средба со г-дин Доминик
Лапран - експерт во Одделението за национална помош при Одделението
на европската комисија во Европската унија, на која беше известен
за степенот на криминалитетот што е во подем, особено организираниот
криминал како што е трговијата со дрога, луѓе, проституција, оружје
и тероризам. Во таа насока беше истакната потребата од соработка
помеѓу јавното обвинителство и меѓународните организации и институции,
бидејќи Јавното обвинителство на Република Македонија се стреми
кон интеграција со европското законодавство и институции, а со цел
за заштита на правата на граѓаните и државата и борбата против организираниот
криминал.
На ден 28.8.2001 година,
во кабинетот на Минстерот за одбрана на Република Македонија, Јавниот
обвинител на РМ со претставници на Мониторинг мисијата на Европската
унија оствари средба со Министерот за одбрана г-дин Бучковски. Притоа
Јавниот обвинител присутните ги информира за текот на постапката
во врска со настанот што се случил на 15.7.2001 година кога возилото
на Еуромониторинг мисијата наишле на нагазна мина поставена од терористичка
група - припадници на т.н. ОНА, при што членовите на мониторинг
мисијата Љубомир Орсах, Буарте Бундерсен и преведувачот Валон Садики
го загубиле животот. Воедно беа известени дека водењето на постапката
е отежнато, бидејќи стручните екипи на МВР неможеле да извршат вештачење
во возилото, а ниту можела да биде извршена обдукција на лешевите
од Институтот за судска медицина, бидејќи претставниците на НАТО
и Еуромониторинг мисијата не го дозволиле тоа, со образложение дека
тие располагаат со стручни лица за двете работи.
На ден 12.9.2001 година,
во просториите на Јавното обвинителство на Република Македонија,
Јавниот обвинител на РМ оствари средба со г-дин Доминик Лапран,
експерт во Одделението за национална помош при Одделението на Европската
комисија во Европската унија и г-дин Василиј Маркос, советник во
истото одделение, на која беше разговарано за имплементацијата на
Рамковниот договор во сверата на правосудството и соработката со
ОБСЕ, со што би се постигнало зајакнување на институциите. Конкретната
соработка ќе се остварува преку изработување на стратегија - програма
за безбедност, а која ќе биде изработена од претставници на Министерството
за внатрешни работи, Министерството за правда и Јавното обвинителство
на РМ, а со што би се овозможило конкретно реализирање на договорот
за стабилизација и асоцијација со Европската Унија и доближување
на Република Македонија кон унијата.
-
III -
Хашкиот трибунал -
основан е со резолуција бр.808 во 1993 година на Советот на безбедност
на Обединетите нации. Трибуналот има мандат да гони лица од говорни
за сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право извршени
на територијата на поранешна Југославија, почнувајќи од 1.1.1991
година. Во текот на мај 1999 година, Трибуналот отвори свои привремени
оперативни бази во Загреб, Сараево, Тирана и Скопје заради истражување,
односно интервјуирање на потенцијални сведоци на наводните воени
злосторства. Јавното обвинителство на Република Македонија остварува
постојани контакти со Канцеларијата на Хашкиот трибунал во Скопје
и тоа :
На ден 26.6.2001 година,
во просториите на Јавното обвинителство на РМ, јавниот обвинител
оствари средба со г-дин Андреј Шидлик, оперативен офицер на Хашкиот
трибунал во Република Македонија, на која истиот беше известен за
поднесеното барање за спроведување на истрага пред Основниот суд
Скопје 2 о Скопје против 11 лица поради постоење на основано сомнение
дека сториле кривични дела против човечноста и меѓународното право.
На ден 29.8.2001 година,
во просториите на Јавното обвинителство на РМ, јавниот обвинител
оствари средба со г-дин Мати Ратикајнен - шеф на истражниот тим,
на која беа разгледани сите можни начини на меѓусебна соработка,
а се со цел на ефикасно обезбедување докази за сторени кривични
дела против човечноста и меѓународното право, а како би можеле да
се обвинат лицата кои ги извршиле или наредиле да се извршат тешките
повреди на Женевските конвенции од 12.8.1949 година на територијата
на Република Македонија во текот на оваа година. На средбата г-дин
Ратикајнен информираше дека Трибуналот започнал со интервјуирање
на неколку лица, а во врска со настаните во Македонија, за што бил
проследен извештај. На овој начин започнале истражувања и се остварила
постапка за започнување официјален процес на истрага во Република
Македонија за сторени кривични дела од надлежност на Трибуналот.
-
IV -
НАТО е сојуз на држави
чија цел е колективна заштита на сите земји - членки како основа
за зачувување на мирот и гаранција на безбедноста во иднина. Алијансата
е создадена со Северноатланскиот договор во 1949 година, кој е приспособен
кон духот на повелбата на Обединетите нации и ја влече својата легитимност
од таа повелба.
Во последната деценија
од минатиот век, НАТО стана катализатор за унапредување на безбедноста
и стабилноста на цела Европа. Алијансата е отворена за соработка
со земји кои не се нејзини членки која се остварува преку програмата
"Партнерство за мир". Централно место во програмата "Партнерство
за мир" зазема унапредувањето на соработката меѓу НАТО сојузниците
и 26 земји партнери меѓу кои е и Република Македонија, со голем
број активности од областа на одбраната.
Во просториите на
Јавното обвинителство на РМ, на ден 4.9.2001 година, јавниот обвинител
оствари средба со г-дин Ханс Јорк Ајф, амбасадор на НАТО во Република
Македонија и Даниел Спетхард, амбасадор на НАТО од Брисел, а на
16.8.2001 и 20.9.2001 година со г-динот Ајф, на кои средби беше
разговарано за безбедносното и правно разрешување на кризата.
Од почетокот на јануари
2001 година па до денес, Јавниот обвинител на РМ во повеќе наврати
испрати писма преку Министерството за надворешни работи, со кои
се обрати до цивилниот администратор на Обединетите нации - УНМИК
на Косово г-дин Ханс Хекеруп и побара согласно меѓусебните договори
и меѓународните конвенции пружање на правна помош, која се состои
во тоа Јавното обвинителство на РМ да биде известено за илегалните
преминувања на границите со СРЈ на делот на Косово, за тоа како
постапуваат спрема фатените лица, кои се обиделе илегално да влезат
во РМ со огромно количество оружје или од РМ во Косово, кое го користат
како база за своите непријателски активности спрема РМ и да ги достават
сите податоци и докази за лицата што се фатени од страна на силите
на КФОР за количеството и видот на оружјето и други воени средства.
Писмо со иста содржина и молба за правна помош е упатена до командантот
на КФОР во Приштина.
-
V -
Во рамките на меѓународната
активност на Република Македонија се и средбите кои Јавниот обвинител
на РМ ги оствари со претставниците на амбасадите во Република Македонија.
На барање на г-дин
Рис Смит - втор секретар во Амбасадата на САД на 31.7.2001 година
во кабинетот на Јавниот обвинител на РМ беше одржана работна средба.
Притоа г-дин Смит уште еднаш го потврди ставот на САД кој беше изнесен
од портпаролот на Стејд департментот. Воедно искажа посебен интерес
за истражните постапки што се водат против криминалната организација
на т.н. ОНА. На средбата од страна на Јавниот обвинител на РМ беше
укажано дека е потребна постојана соработка и информирање, за што
е потребно во амбасадата на САД да има постојан претставник за правни
прашања, со што ќе се овозможи секојдневно и непристрасно следење
на постапките од аспект на нивната законитост и согласност со позитивните
прописи.
На ден 25.9.2001 година
во просториите на Јавното обвинителство на РМ , Јавниот обвинител
на РМ оствари средба со г-ѓа Сузан Вудс - официр за политички прашања
во Амбасадата на САД во Република Македонија на која беше разговарано
за амнестијата. На средбата јавниот обвинител посебно го нагласи
фактот дека јавниот обвинител нема законски овластувања за давање
амнестија и дека според позитивните законски прописи во Република
Македонија амнестијата се дава со закон, а јавниот обвинител не
е овластен предлагач.
-
VI -
Хелсиншкиот комитет
за човекови права на Република Македонија во 1995 година станува
редовен и полноправен член на меѓународната хелсиншка федерација.
Хелсиншкиот комитет
за човекови права на Република Македонија е невладина организација,
чија основна задача е набудување и информирање на локално и меѓународно
ниво за почитување на човековите права врз основа на одредбите на
хелсиншкиот завршен документ и други придружни документи врз кои
се темелат меѓународните стандарди за почитување на човековите права.
Хелсиншкиот комитет исто така востановува правна помош од областа
на заштита на човековите права на домашно и меѓународно рамниште.
Оттука е и соработката помеѓу Јавното обвинителство на РМ и Хелсиншкиот
комитет.
На 14.9.2001 година,
Јавниот обвинител на РМ одржа работна средба со претставници на
Хелсиншкиот комитет за човекови права и тоа со г-дин др Арон Родес,
директор на Хелсиншкиот комитет со седиште во Виена, г-дин Газмен
Пуља, претставник на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Косово
и г-ѓа Мирјана Најчевска, претставник на Хелсиншкиот комитет за
човекови права на Република Македонија. На средбата се дискутираше
за решавање на проблемите во поглед на заштита на човековите права.
Притоа Јавниот обвинител на РМ посебно нагласи дека е од примарно
значење утврдувањето на вистината и фактите, со оглед да постојат
објективни пречки за нормално функционирање на институциите на државата.
На средбата беше заклучено дека е потребна соработка на Јавното
обвинителство и Хелсиншкиот комитет која ќе се остварува преку размена
на информации за конкретни предмети во врска со повреда на човековите
права и дека јавниот обвинител ќе ги превземе сите мерки кои се
во рамките на неговите надлежности.
-
VII -
Меѓународната соработка
во борбата против тероризмот Јавното обвинителство на РМ ја остварува
преку средби со јавните обвинители на државите од Југоисточна Европа
и тоа:
На 12.5. 2001 година
на Средбата на јавните обвинители која се одржа во Букурешт, Јавниот
обвинител на РМ во своето излагање посебно внимание посветил на
тероризмот, нагласувајќи дека терористичките групи кои дејствуваат
во Република Македонија се директно врзани со организираниот криминал
во Европа, од каде се црпат средства за финансирањето и вооружувањето
на терористичките групи, поради што е неопходно потребна сестрана
акција на меѓународната заедница против организираниот криминал.
На ден 3 и 4.7.2001
година, во работна посета на Јавното обвинителство на РМ беше Главниот
државен обвинител на Р. Хрватска г-дин Радован Ортински. Притоа
Јавниот обвинител на РМ и Главниот државен обвинител на Р. Хрватска
ја истакнаа потребата од меѓусебна соработка на регионалните обвинителства
во гонењето на организираниот криминал и ги одредија насоките на
конкретната соработка. По ова беше остварена и заедничка средба
со Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски кој беше
запознат во врска со размената на искуства меѓу обвинителствата
на двете земји за борбата против корупцијата, криминалот и тероризмот
и беше констатирано дека за нивно искоренување е неопходна меѓународна
соработка и склучување билатерални акти за таквата соработка, и
дека јавните обвинителства, судовите, и другите органи доследно
остварувајки ги своите уставни и законски овластувања преку начелото
на владеење на правото, ке придонесат за ефикасна борба против истите.
Согласно Европската
Конвенција за меѓусебна правна помош во кривичната материја од 20.04.1959
година, и заклучоците донесени на Првата и Втората Пан-Европска
Конференција на генералните обвинители од Европа одржани во Стразбур
од 22-24 Мај 2000 година и во Букурешт од 14-16 Мај 2001 година,
за соработка на обвинителите на европско ниво како и Договорот за
екстрадиција склучен помегу Албанската влада и Македонската влада
стапен во сила на 2.10.1998 година, Јавното обвинителство на Република
Македонија на 7.6.2001 година се обрати до Генералниот обвинител
на Република Албанија Господинот Арбен Ракипи, за меѓусебна правна
помош по распишаната потерница за лица против кои се води кривична
постапка за Кривични дела против државата од Кривичниот Законик
на Република Македонија, а со цел за побрзо приведување и екстрадирање
на овие лица и спроведување на започнатата кривична постапка во
Република Македонија.
Во рамките на регионалната
иницијатива за соработка на земјите од Југоисточна Европа - СЕКИ
земјите членки го парафираа и ратификуваа мултилатералниот договор
за соработка за превенција и борба против трансграничниот криминал.
На 13 и 14 септември 1992 година во Букурешт во организација на
СЕКИ беше одржан 10-от состанок на Заедничкиот Комитет за соработка
на кој учество земаа и експерти за сузбивање на тероризмот од Министерството
за внатрешни работи на РМ и Јавното обвинителство на РМ. На овој
состанок беше создадена можност во рамките на СЕКИ центарот да се
разговара за состојбата на тероризмот во регионот. Нашите претставници
презентираа материјал на тема "Тероризмот во Македонија" во кој
се опфатени случувањата во Македонија со посебен осврт на неколку
карактеристични случаи на терористички акти на терористичката организација
на т.н. ОНА како што се киднапирањето и малтретирањето на петтемината
работници на ГП "Маврово", убиството на цивили, убиството на Мониторинг
мисијата на ЕУ и уништувањето на црквата св.Атанасиј во Лешочкиот
манастир. Исто така, за состојбата во врска со тероризмот во Република
Македонија е изготвена бела книга со податоци за сите случувања
на тероризам која од страна на нашите претставници на ЦД е доставена
до сите учесници на состанокот.
Овој состанок на заедничкиот
комитет на СЕКИ има особено значење поради размената на искуствата,
како во превенцијата, така и во борбата против тероризмот како едно
од најголемите зла на денешницата.
ЈАВНО
ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА |