|
ИНФОРМАЦИЈА
од 10.05.2001 година
ТЕРОРИЗМОТ
ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Нападот на територијалниот
интегритет и суверенитет на Република Македонија од организирани,
вооружени терористички групи, претежно од Косово, од каде се пружа
логистичка и друга подршка на таквите терористички дејствија, предизвика
жестоки реакции како во Република Македонија, така и во светот,
што е видно и преку изјавите на претставници на меѓународни организации
и на врвни европски и светски државници.
I.
Во оваа Информација
ќе биде содржан еден дел од реакциите во светот, пренесувани преку
електронските и другите медиуми.
РАСЕЛ ЏОНСОН: Насилствата
во Македонија обид за нарушување на коегзистенцијата.
Стразбур 6 март 2001 година.
Насилствата на македонско-југословенската
граница со Косово се обид да се нарушат обидите на властите во Скопје
за коегзистенција, меѓусебно разбирање и политичка соработка меѓу
македонците и етничките малцинства - напори што треба да претставуваат
модел за останатите држави на Балканот, се вели во соопштението
на Претседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа
лорд Расел Џонсон објавено во Стразбур.
Во соопштението лорд
Расел Џонсон истакнува дека не треба да се заборави фактот дека
македонските власти успееја да го одржат мирот меѓу македонците
и албанската популација во Македонија и оти претставниците на албанците
учествуваат во Владата.
"Владата на Македонија
заслужува пофалби за одговорниот став и воздржаноста што досега
ја покажа како одговор на оваа закана, што е насочена кон нејзината
национална безбедност. Меѓународната заедница треба да и укаже потребна
помош на Македонија со цел да се стави крај на кризата, која претставува
потенцијална закана за новокрвопролевање на Балканот", истакна Претседателот
на Парламентарното Собрание на Советот на Европа.
"За ова прашање ќе
разговарам со Македонските власти за време на мојата посета на Скопје
на 21 март" најави Џонсон.
МАРК ДИКИНСОН:
Осуда на терористичките акции
Скопје, 14 март 2001 година
Амбасадорот на Велика
Британија во Македонија, Марк Дикинсон, вечерва оцени дека ситуацијата
во Република Македонија очигледно е сериозна и оти "е очигледно
дека Македонија ова ќе го преживее".
Пред вечерашната средба
на македонскиот државен врв со амбасадорите на земјите од Европската
унија и НАТО, Амбасадорот Дикинсон најостро ги осуди акциите на
екстремистите, односно вооружените акции и екстремните дејствија
на демонстрантите, посебно оние денешните во Тетово насочени против
новинарите.
"Мислам дека Европската
Унија ќе ги повика сите политичари во земјата, а и оние кои се нарекуваат
така, остро да ги осудат терористите. Оние што нема да ги осудат
терористите ќе знаме на чија страна се" наглси Дикинсон и изрази
надеж дека насилствата нема да се проширан. На новинарско прашање
кои мерки треба да ги превземат македонските сили за безбедност
за да се справат со ситуацијата Дикинсон рече дека "АРМ и Полицијата
се должни да се заштитуваат себе, Македонија и македонските државјани.
СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТ:
Насилството неможе да биде политичко средство
Вашингтон, 15 март 2001 година.
"Целосно ја подржуваме
Владата на Република Македонија соодветно да одговори на насилните
провокации на екстремистите", изјави денеска заменик - портпаролот
на американскиот Стејт Департмент, Филип Рикер.
Во изјавата дадена
за Гласот на Америка на Македонски јазик, одговарајки на прашањето
каков е американскиот став околу можноста најновите немири во тетовско
да ја дестабилизираат Македонија и негативно да се одразат врз нејзините
меѓуетнички односи, Рикер нагласи: "САД остро ги осудуваат тие групи
на етнички Албански екстремисти кои го прифаќаат насилството како
политичко средство. Тоа е неприфатливо. Нивните постапки го поткопуваат
вистинскиот интерес на Македонските етнички Албанци и етничката
хармонија во Македонија".
При тоа, заменик портпаролот
на Стејт департментот посочи што САД имаат намера да сторат во однос
на новонастанатата ситуација.
"Ние ќе продолжиме
да соработуваме со владата бидејки ваков вид насилство, очигледно
неможе да придонесе за унапредување, туку го враќа назад курсот
на реформите во Македонија и ги попречува тамошните мирни, демократски
процеси".
СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ
УСВОИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКО СООПШТЕНИЕ
Њујорк
17.март 2001 година
Советот за безбедност
на Обединетите нации по вчерашното излагање на шефот на мисијата
на УНМИК, Ханс Хекеруп, усвои претседателско соопштение.
Во него се бара сите
лидери на Косово да ги осудат и осуетат етничките и други насилства
и да вложат поголеми напори за воспоставување меѓунационална доверба
и мултиетничко општество во тој дел на СР Југославија.
Во врска со случувањата
на Македонија, Советот за безбедност заклучи дека насилствата кои
ја загрозуваат стабилноста на Македонија и на целиот регион во голем
дел се подржани и увезени од странство
ЏОРЏ БУШ: Натрапниците
во Македонија не се борат за албанската кауза.
Вашингтон,
24 март 2001 година
Случувањата во Македонија
беа една од темите на синоќешната средба на Американскиот претседател
Џоџ Буш, со Генералниот секретар на ОН Кофи Анан во Вашингтон.
"Натрапниците во Македонија
тврдат дека се борат за каузата на Албанското малцинство. Но, тие
не го прават тоа" рече Буш по средбата и додаде дека САД и нивните
сојузници јасно потенцираат дека го поддржуваат суверенитетот и
територијалниот интегритет на Република Македонија.
Американскиот претседател
истакна дека ги подржува оние политички лидери во Македонија, кои
му даваат предност на дијалогот како средство за решавање на проблемите.
"Решително ги подржувам
напорите на Претседателот Борис Трајковски и на Македонската Влада
за почитување на демократијата при владеењето на правото" изјави
Буш.
Анан, од своја страна,
потенцираше дека доколку не им се стави крај на насилствата во Македонија,
постои опасност од нивно проширување во целиот регион и додаде дека
ОН се "цврсто определени за зачувување на интегритетот и територијалната
целовитост на Македонија.
ДЕЛ ПОНТЕ: Трибуналот
има јурисдикција врз криминалните дејствија во Македонија
Скопје,
28 март 2001 година
Главниот обвинител
на Хашкиот трибунал Карла Дел Понте, кја попладнево пристигна во
Скопје, по одвоените средби со министрите за внатрешни работи Доста
Димовска и министерот за правда Џевдет Насуфи, изјави дека Трибуналот
има јурисдикција врз криминалните дејствија што се случуваат во
Република Македонија.
Дел Понте рече дека
"не е сосема јасно дали биле извршени воени злосторства" и изрази
надеж дека поставувањето на оваа судска јурисдикција ќе дејствува
како опомена и ќе го спречи извршувањето на такви криминални дејствија.
"Се надевам дека сите
прашања ќе бидат решени на мирољубив и демократски начин" изјави
таа и нагласи дека доколку се утврди дека постојат воени злосторства,
Хашкиот трибунал ќе отвори истрага за да ги расветли таквите дела.
Дел Понте најави дека наскоро ќе испрати истражен тим, кој со македонското
раководство ќе работи на откривање на она што се случува во земјата,
а во меѓувреме Хашкиот трибунал ќе биде во непосреден контакт со
надлежните органи во Македонија и постојано ќе разменува информации
за она што е нејзина надлежност.
ХАМИШ РОЛО: Се
зајакнуваат врските меѓу екстремистичките групи на албанците.
Лондон,
4 април 2001 година
Според командантот
на британските трупи во составот на КФОР Хамиш Роло, последните
настани во Македонија придонесоа за засилување на врските на албанските
екстремисти од Македонија со терористичките групи кои се активни
во Косово и во јужна Србија.
"Таканаречената Ослободителна
народна армија (ОНА), ОНА се појави во Македонија во текот на феврјари
годинава за да предизвика вооружен бунт во оваа држава. Со офанзивата
на македонските сили за безбедност беа потиснати припадниците на
т.н. ОНА, кои ги окупираа селата по северната граница на Македонија
кон Косово, каде тие имат бази и од каде добиваат логистичка поддршка",
истакна Роло и додаде дека ОНА е создадена по ренек на сега официјално
распуштената Ослободителна војска на Косово (ОВК), која се бореше
против југословенските сили за безбедност во Косово во текот на
90-тите години.
Третата албанска екстремистичка
група, според Роло, е таканаречената Ослободителна војска на Прешево,
Медвеѓе и Бујановац, која се бори против југословенските воено-полициски
сили во Јужна Србија.
"Убеден сум дека постои
врска меѓу албанските екстремистички групи кои напаѓаат во Македонија,
во Косово и во јужна Србија. Затоа НАТО се обидува да ја спречи
т.н. ОВПМБ да ја поддржи т.н. ОНА", рече Роло и ја исклучи можноста
овие екстремистички групи да добијат голема народна поддршка.
Командантот на британските
трупи во составот на КФОР истакна дека голем број од албанските
терористи, кои тврдат дека се борт за правата на Албанците, всушност
и самите признаваат оти се борат само за остварување на личните
интереси.
РОБИН КУК: Меѓународната
заедница и должи многу на Македонија
Скопје,
5 април 2001 година
"Многу ми е драго
што имам можност да ја посетам Република Македонија со цел да ја
изразам мојата солидарност со земјата и македонскиот народ", изјави
британскиот министер за надворешни работи Робин Кук по денешната
средба со Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски
и премиерот Љубчо Георгиевски.
"Многу сум свесен
и никогаш нема да заборавам дека Меѓународната заедница и должи
многу на Македонија за цврстата поддршка што ни ја даде во минатотот
и се восхитувам на демократијата и мултиетничките вредности на земјата"
додаде Кук.
Тој истакна дека Велика
Британија сака да и помогне на Владата и на народот во Македонија
да ги победи терористите и додаде дека му честитал на Претседателот
Трајковски за професионализмот и дисциплината на Армијата за време
на операцијата за отстранување на терористите околу Тетово. Кук
рече дека честитал и за воздржаноста со која беше извршена операцијата
и додаде дека меѓународната заедница го поздравува фактот што за
време на операцијата намало ниту една цивилна жртва.
"Ние сакаме да и помогнеме
на Владата на Република Македонија да успее во борбата против терористите
и го информирав претседателот Трајковски дека Велика Британија е
подготвена да обезбеди дополнителна опрема која од нас ја побара
Македонската Армија. Ние ќе обезбедиме опрема за уништување и пронаоѓање
бомби и мини кои ги поставиле терористите и голема количина заштитна
опрема за безбедносните сили", информираше шефот на британската
дипломатија и истакна дека за целосна победа над терористите е многу
важно тие да се изолираат.
КОЛИН ПАУЕЛ: Сад
се загрижени за состојбите во Македонија и Јужна Србија
Скопје,
13 април 2001 година
Американскиот државен
секретар Колин Пауел денеска во Скопје се сретна со шефот на Цивилната
администрација на Обединетите нации во Косово Ханс Хереруп и со
претставниците на привремениот Администативен совет во покраината
Рада Трајковиќ, Ибрахим Ругова, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај.
На прес-конференцијата
по средбата, Пауел истакна дека САД и меѓународната заедница и натаму
"ќе останат во регионот" и ќе го поддржуваат политичкиот дијалог
во Македонија, како и преговорите меѓу Србите и Албанците во Ксово
и јужна Србија.
"Меѓународната заедница
и САД се длабоко загрижени за терористичките акции во Македонија
и јужна Србија", истакна Пауел, додавајки дека цел на меѓународната
заедница е изолација на насилните активности на екстремистите, како
во Косово, така и надвор од косовските граници.
Според него, конфликтот
во Македонија е резултат на дејствувањето на албанските екстремисти
од Косово, кои се обидуваат да дестабилизираат "една држава која
сериозно се залага за надминување на меѓуетничките разлики, што
постојат во тоа демократско општество".
"Екстремистичките
групи им нанесуваат штета на долгорочните интереси на етничките
Албанци, како во Македонија, така и во Косово и во целиот регион.
Барама од косовските лидери да го осудат насилството оти во спротивно
народот во Косово ќе ја изгууби меѓународната поддршка", рече Пауел.
СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТ:
т.н. ОНА работи против интересите на Албанците во Македонија
Вашингтон,
18 април 2001 година
Директорот на Канцеларијата
за централноевропски прашања при Бирото за европски работи на Стејт
департментот, Том Кантримен денеска изјави дека "таканаречената
ослободителна национална армија дејствува директно и спротивно на
интересите на Албанците во Македонија, на Албанците во Косово, како
и во поширокиот регион".
Како што пренесува
МИА, Кантримен ваквата оценка ја даде за време на обраќањето пред
учесниците на панел - дискусија во Центарот "Вудро Вилсон" во Вашингтон,
посветена на актуелната ситуација во Македонија и на американската
улога во спроведувањето нов конфликт во регионот.
Според него, треба
јасно да им се стави на знаење на Албанците на Балканот, а посебно
на оние во Косово, дека каква било поддршка на евентуалне бунт или
насилства во Македонија ќе се одрази врз идната поддршка од Сад
за нив.
ВО КОСОВСКИТЕ МЕДИУМИ
ОБЈАВЕНА "ПОЛИТИЧКА ПЛАТФОРМА" НА ТАКАНАРЕЧЕНАТА ОНА
Приштина
24 април 2001 година
Приштинските медиуми
на албански јазик денеска објавија соопштение на таканаречената
ослободителна национална армија, кое, според неговиот потписник,
наводниот рпетставник на т.н. ОНА Али Ахмети, претставува "политичка
платформа".
Во соопштението се
вели дека "ОНА ги поддржува суверенитетот и интегритетот на Македонија
и бара во иднина разговорите меѓу македонските власти и албанските
претставници да бидат водени со меѓународното посредство".
Според него, албанските
екстремисти исто така бараат "Македонија да го измени Уставот и
албанците да станат јставотворен народ, со право на употреба на
албанскиот јазик и симболите".
Таканаречената ОНА
бара пописот во Македонија да биде спроведен со меѓународна контрола,
враќање на сите Албанци кои ја напуштиле земјата и доделување државјанство
на сите припадници на албанскиот народ" кои подолго време живеат
во Македонија.
Во соопштението се
вели дека тоа е испратено до неколку меѓународни институции меѓу
кои и американскиот Стејт департмент, Европската унија, Организацијата
за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), советот за безбедност
на Обединетите нации и советот на НАТО.
СТЕЈТ
ДЕПАРТМЕНТОТ НА САД
КАНЦЕЛАРИЈА НА ОФИЦЕРОТ ЗА БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ:
ПАТИШТА НА ГЛОБАЛНИОТ
ТЕРОРИЗАМ
Вашингтон, Април 2001 година
Во Југоисточна Европа
групи на етнички Албанци изведуваат вооружени напади врз владините
сили во Јужна Србија и Македонија од 1999 година. Грубата бо Јужна
Србија се нарекува Ослободителна Армија на Прешево, Медвеѓа и Бујановац
(ОВПМБ). Групата во Македонија се нарекува Национална Ослободителна
Армија (ОНА). Во двете групи се вклучени членови ид некогашната
Ослободителна Арммија на Косово (ОАК) која се бореше во текот на
1998-99 година и која ги користи своите врски за обезбедување на
оружје и финансиски средства од Косово и други места. ОВПМБ понекогаш
ги задржуваше и малтретираше цивилите кои патуваа во подрачјето
кое таа го контролира. И ОВПМБ и ОНА пукаа во цивилни центри.( Во
истиот регион Албанските доселеници изведоа терористички напад врз
автобус во Косово на 16. Фебруари 2001 година при што беа убиени
7 цивили и 43 беа ранети.)
САД ГО ОСУДИЈА
УБИСТВО НА ОСУМТЕМИНА ПРИПАДНИЦИ НА МАКЕДОНСКИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ СИЛИ
Вашингтон
29 април 2001 година
Соединетите американски
држави го осудија како "неразумен чин на насилство" вчерашниот напад
на албанските екстремисти кај тетовското село Вејце во кој беа убиени
осуммина припадници на македонските безбедносни сили.
"САД ги повикува сите
политички партии и групи во Македонија заеднички да го осудат неразумниот
акт на насилство и да го продолжат започнатиот процес на политички
дијалог", се вели во синоќешната изјава на заменик - портпарол на
Белата куќа Филип Рикер.
Во изјавата им се
изразува сочувство на загинатите припадници на македонските безбедносни
сили во инцидентот.
СОЛАНА ШОКИРАН
ПОРАДИ УБИСТВОТО НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ СИЛИ
Скопје,
29 април 2001 година
Високиот претставник
на Европската унија за заедничка безбедносна и надворешна политика
Хавиер солана, во изјавата за МИА изрази "шокираност и гнев" поради
вчерашното убиство на осуммина припадници на македонските безбедносни
сили во околината на Тетово.
"Сакам најстрого да
го осудам овој кукавички терористички напад и да го изразам моето
најискрено сочувство до македонската Влада и до семејствата на жртвите.
За оние кои промовираат
националистичка агенда со насилни средства нема место во денешна
Европа и на нив мора да им се спротивставиме со сите легитимни средства.
Во овој трагичен момент,
сакам да апелирам до сите граѓани и до политичкото раководство на
земјата да се интензивираат сите напори за унапредување на меѓуетичко
разбивање. Првите позитивни чекори преземени во контекст на зајакнување
на дијалогот под раководство на претседателот Борис Трајковски го
отворија тој пат.
Останувајки цврсто
на курсот на дијалог и реформи, одговорните политички лидери можат
ефикасно да и се спротивстават на заканата на екстремниот национализам
и да и помогнат на земјата да напредува по патот на целосно учество
во просперитетната и стабилан Европа", се вели во изјавата на високиот
претставник на ЕУ за заедничка безбедносна и надворешна политика
Хавиер Солана.
ШВЕДСКА НАЈОСТРО
ГО ОСУДУВА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД КАЈ ВЕЈЦЕ
Скопје,
29 април 2001 година
Во денешниот телефонски
разговор со министерот за надворешни работи на Република Македонија
Срѓан Керим, шведска министерка за надворешни работи и актуелен
претседавач со Европската Унија, Ана Линд, најостро го осуди вооружениот
напад со претходно поставена заседа над припадниците на безбедносните
сили на Република Македонија од страна на терористичка диверзантска
група на албански екстремисти во пограничниот регион со Косово,
меѓу селата Селце и Вејце.
Ана Линд го замоли
министерот Керим да ги пренесе сочувствата од шведската Влада со
семејствата на загинатите.
Министерката Линд
ја изрази целосната поддршка на Шведска за Владата на Република
Македонија во врска со мерките кои се преземаат за надминување на
ситуацијата по овој последен инцидент.
Таа исто така ја изрази
шведската поддршка за продолжување на отпочнатиот политички дијалог
во рамките на институциите на системот во Република Македонија
Шведска, актуелен
претседавач со ЕУ, ќе се ангажира на планот на забрзувањето на реализацијата
на ветената финансиска помош од страна на Унијата, како и за добивање
дополнителна финансиска помош за непредвидени трошоци во Буџетот
на Република Македонија поврзани со актуелната безбдносна состојба
и мерките преземени за нејзино надминување.
Во разговорот меѓу
министрите Керим и Линд, меѓу другото, беше договорено и одржување
редовни контакти на ова ниво во функција на натамошна континуирана
и тесна соработка.
МОСКВА ГО ОСУДИ
ВЧЕРАШНИОТ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД
КАЈ ВЕЈЦЕ
Москва, 29 април 2001 година
Министерството за
надворешни работи на Русија денеска најостро го осуди вооружениот
напад на албанските екстремисти врз македонските војници.
Според официјална
Москва, вчерашниот напад претставува "уште еден во низата предизвици
за меѓународната заедница".
Во соопштението на
руското Министерство за надворешни работи се наведува дека акцијата
на албанските екстремисти во зоната на македонско-југословенската
граница во делот на Косово, при што се убиени осуммина припадници
на македонските сили за безбедност, е преземена со цел да се дестабилизира
ситуацијата во време кга Контакт групата, европските држави и меѓународната
заедница и меѓународните организации преземаат напори за нормализација
на состојбите во регионот".
Официјалниот претставник
на руското Министерство за надворешни работи, александар Јаковенко
денеска изјави дека "мора да се постави брана на тероризмот и милитантниот
екстремизам, кои денес претставуваат најголема закана за стабилноста
на Балканот".
ЏОНСТОН И ПАТЕН
ГО ОСУДИЈА УБИСТВОТО НА
МАКЕДОНСКИТЕ ВОЈНИЦИ И ПОЛИЦАЈЦИ
Стразбур, 29 април 2001 година
Претседателот на парламентарното
Собрание на Советот на Европа, Расел Џонстон и еврокомесарот за
надворешна политика, Крис Патен, денеска го осудија убиството на
осуммината припадници на македонските сили за безбедност, во вчерашниот
напад во близина на тетовското село Вејце.
Лорд Џонстон "безрезервно
го осуди убиството на четворицата македонски полицајци и четворицата
војници", оценувајќи дека вчерашниот чин претставува "убиство без
никакво оправдание и без никаква цел".
Според Џонстон, убиствата
како вчерашното имаат за цел да ги прекинат напорите, проблемите
во Македонија да се решат на мирен начин.
Осудувајки го вчерашниот
терористички напад во селото Вејце, Патен истакна дека "Убиството
на македонските војници е планиран чин", и оти "цел на албанските
терористи е да ги уништат основите за дијалог".
"Не смее да се дозволи
насилствата да продолжат", рече Патен и ги повика македонските власти
да бидат поистрајни во своите заложби и да го продолжат дијалогот
за решавање на проблемите во Македонија.
РОБЕРТСОН: НАСИЛСТВОТО
НЕМА ДА ДОНЕСЕ ПРАВДА, ТУКУ ЌЕ ПРЕДИЗВИКА СТРАДАЊЕ
Скопје,
7 мај 2001 година
Генералниот секретар
на НАТО Џорџ Робертсон по пристигнувњето на скопскиот Аеродром изјави
дека денеска со македонската Влада и со лидерите на парламентарните
политички партии ќе разговара за многу тешката ситуација во која
се наоѓа Република Македонија.
"Оваа земја е на работ
на бездната и ние мора да ја извлечеме. Мора да постои пропорционален,
но и решавачки одговор против криминогените екстремисти што сакаат
да ја дестабилизираат демократијата", изјави Робертсон за Македонската
телевизија, додавајки дека носи порадка "за решителност, солидарност
и поддршка против екстремистите во корист на територијалниот интегритет
на Македонија, но исто така и за програмите за реформи кои ќе ја
обединат земјата против надворешната закана".
"Ќе продолжиме со
политичка поддршка и слидарност на Владата на земјава и постојано
ќе ги притискаме оние што употребуваат насилство да го положат оружјето.
Владата на оваа земја треба да продолжи со програмата на реформите
што е основа на идното уредување кое ќе донесе безбедност и сигурност
за сите граѓани на Република Македонија", додаде Робертсон.
II.
Терористичките активности
се казниви дела кои се предвидени со Кривичниот законик на Република
Македонија во глава ЏЏВИИИ под наслов "Кривични дела против државата".
Во зависност од правната квалификација и во релација со фактичкиот
случај во смисла на најтешки последици кои настапиле кај жртвите
од сторените злосторства за таквите криминални дејанија во законот
запретена е казна - доживотен затвор.
Од почетокот на месец
март 2001 година на територијата на Скопје, Тетово и Куманово извршени
се повеќе кривични дела од ваква злосторничка природа , со цел да
се загрози уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија.
Воедно упатуваме на неспорниот факт дека жртви на ваквите терористички
и свирепи насилства и екстремистички напади, освен воено - полициски
лица, со што директно се атакува на државата, се и обичните граѓани
македонци, албанци и срби. Во терористички напади досега загинати
се 19, ранети 45, а киднапирани се и 3 лица. По национална припадност
жртви биле највеќе 54 македонци, 12 албанци и 1 србин, за она што
е познато на државните орани по однос на жртвите.
Како пример за ваше
конкретно и објективно сознание за сторениот злостор над безбедносните
сили, ќе ви биде презентиран обвинителскиот предмет со опис на настанот
и правната квалификација.
На 28.4.2001 година,
на патот помеѓу селата Селце и Вејце - тетовско е извршен терористички
напад од поголема група терористи, кога од заседа околу 17,30 часот
биле нападнати 4 возила на безбедносните сили на Република Македонија
и притоа се убиени 8 лица, а 7 лица потешко или полесно повредени.
Во врска со овој терористички
напад, досега од најтежок вид, од страна на Основно јавно обвинителство
- Тетово уште истиот ден е побарано да се изврши увид на лице место,
што е и сторено на 29.4.2001 година и истиот ден согласно чл.148
ст.1 од ЗКП е поднесено барање за превземање одделни истражни дејствија
за кривично дело - Најтешки форми на тероризам од чл.327 ст.2 в.в.
чл.313 од КЗ, а со цел да се откријат сторителите на овој терористички
акт. Записникот за увид на лице место е заведен во Основниот суд
во Тетово под Ки.бр.76/2001 од 29.4.2001 година. Овој предмет во
Основно јавно обвинителство - Тетово е заведен под Кон. бр. 189/2001.
По наредба на истражниот
судија извршени се обдукции на телата на загинатите војници и полицајци
на 28.4.2001 година.
Заради документирање
на случајот покрај оваа информација, Ви се доставува Извештајот
од судска медицина за извршената обдукција на жртвите од 28.4.2001
година во с. Вејце, како и ЦД-ром - фото документација бр.809/2001-05-02,
изработено од Министерство за внатрешни работи на Република Македонија,
Оддел за судска медицина. каде што е прикажана насилничката смрт
врз убиените.
ЈАВЕН
ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Ставре Џиков
|