|
И
Н Ф О Р М А Ц И Ј А (02.07.2001)
За
подигнати барања за заштита на законитост и резултатите од нив подигнати
против одлуките донесени во вонпроцесна и извршна постапка
во периодот од 1998 - 2000 година
Јавното обвинителство
е единствен и самостоен државен орган, што ги гони сторителите на
кривични дела и други со закон утврдени казниви дела и врши други
работи утврдени со закон. Јавниот обвинител на Република Македонија
во рамките на своите функции вложува вонредни правни лекови по повод
кои постапува пред Врховниот суд на Република Македонија.
Согласно чл.18 од
Законот за јавно обвинителство, кога Јавниот обвинител на Република
Македонија ќе најде дека поради повреда на закон или на меѓународен
договор постои основ за употреба на правно средство против извршна
одлука или одлука донесена во управна и друга постапка, за што е
овластен со закон , може да бара да се одложи, односно прекине извршувањето
на таа одлука, ако со нејзиното извршување би можеле да настанат
ненадоместливи штетни последици.
Во рамките на законските
овластувања, значајна функција на Јавниот обвинител на Република
Македонија е подигање барање за заштита на законитост против правосилни
одлуки донесени во граѓанско правните спорови. Барањето за заштита
на законитост е вонреден правен лек кој служи за заштита на законитоста,
не во корист на една од странките, туку со цел воспоставување на
правниот поредок и единствена примена на законите, иако на крајот
на краиштата тој резултира и со одлука која се изрекува во корист
на една од странките. Овој вонреден правен лек може да се подигне
против скоја правосилна одлука - првостепена или второстепена, без
оглед на вредносниот критериум, а може да се подигне во парници
за смеќавање на посед.
Барањето за заштита
на законитост е вонреден правен лек со нешто поширок досег отколку
ревизијата, бидејќи ревизија може да се поднесе против правосилна
пресуда или решение на суд од втор степен, со кој постапката е правосилно
завршена. За разлика од ревизијата барањето за заштита на законитост
не е врзано за вредносен критериум. Така ревизијата согласно Законот
за парнична постапка може да биде вложена само доколку вредноста
на спорот го надминува износот предвиден во законот, освен таксативно
наведените случаи кога без оглед на вредноста на спорот ревизијата
е секогаш дозволена. Понатаму при поднесување на иницијативи за
подигнување на барање за заштита на законитоста , странките не плаќаат
такси, додека ревизијата е условена со плаќање на судска такса.
Со оглед на висината на судската такса и имотната состојба на граѓаните
која е се полоша, како и заради измената на ЗПП која беше извршена
на 1.7.1998 година објавена во Службен весник бр.33/98 според која
согласно чл.368 ст.2 од ЗПП, можноста за вложување на ревизиите
беше ограничена со вредноста на спорот која треба да го надминува
износот од 1.000.000,00 денари, доведе до тоа граѓаните се почесто
во остварувањето на своите права да поднесуваат поголем број на
иницијативи до јавниот обвинител за вложување на БЗЗ, а помалку
да се користат со институтот на ревизијата.
Предмет на оваа информација
се подигнатите барања за заштита на законитост во вонпроцесната
и извршната постапка, поради фактот што во овие постапки пак, ревизијата
како вонредно правно средство воопшто не е дозволена, па единствена
можност, доколку се направени повреди на законот во овие постапки
можат да се отстранат само преку вложените барања за заштита на
законитост од страна на јавниот обвинител пред Врховниот суд на
Република Македонија. Оттука, јавниот обвинител преку подигнатите
барања за заштита на законитост против одлуките донесени во вонпроцесната
и извршната постапка влијае на единствената примена на законите
и уедначувањето на судската пракса.
Поради горенаведените
причини, бројот на поднесените иницијативи до Јавното обвинителство
на Република Македонија во последниве 3 години е значително зголемен.
Така во 1998 година се поднесени 634 иницијативи, а во 2000 година
се поднесени 1560, што е дваипол пати повеќе.
Од вкупно поднесените
иницијативи во 1998, 1999 и 2000 година, 355 се поднесени против
правосилни одлуки - решенија донесени во вонпарнична постапка и
во извршна постапка.
Во 1998 година, од
634 поднесени иницијативи, 68 се поднесени против решенија донесени
во вонпарнична постапка, а 76 против решенија донесени во извршна
постапка. Јавниот обвинител на Република Македонија постапувајќи
по истите, а по извршениот увид во списите на предметот и наводите
во иницијативата, подигнал 24 БЗЗ против правосилни решенија донесени
во вонпарнична постапка и 15 БЗЗ против правосилни решенија донесени
во извршна постапка.
Од подигнатите БЗЗ
против решенија донесени во вонпарнична постапка 16 се подигнати
поради суштествени повреди на одредбите на парничната постапка и
погрешна примена на материјалното право, 7 поради суштествена повреда
на парничната постапка и 1 поради погрешна примена на материјалното
право. Врховниот суд на РМ одлучувајќи по подигнатите БЗЗ, 21 уважил,
2 одбил како неосновани и 1 отфрлил како недозволено.
Од подигнатите БЗЗ
против решенија донесени во извршна постапка, 13 се подигнати поради
битни повреди на одредбите на парничната постапка, и 2 поради битни
повреди на парничната постапка и погрешна примена на материјалното
право. Врховниот суд одлучувајќи по истите 8 уважил, 5 одбил како
неосновани, а за 1 сеуште нема одлука.
1998 Вложени
иницијативи Подигнати
БЗЗ Уважени
БЗЗ Одбиени БЗЗ како
неосновани Отфрлени БЗЗ Нема одлука
ВПП 68 24 21 2 1 /
ИП 76 15 8 5 / 1
Согласно чл.18 од
Законот за јавно обвинителство, Јавниот обвинител на РМ во 1998
година поднел 4 барања за одлагање или прекинување на извршувањето
од кои 2 се уважени и одложено е извршувањето, 1 е одбиено, а по
едно нема доставено одлука од основниот суд.
Во 1999 година во
Јавното обвинителство на Македонија поднесени се вкупно 1171 иницијатива,
од нив 39 се поднесени против решенија донесени во вонпарнична постапка,
а 67 против решенијата донесени во извршна постапка. Јавниот обвинител
на РМ постапувајќи по истите подигнал 9 БЗЗ против правосилни решенија
донесени во вонпарнична постапка и 7 против правосилни решенија
донесени во извршна постапка.
Од подигнатите БЗЗ
против правосилни решенија донесени во вонпарнична постапка 5 се
подигнати поради битни повреди на одредбите на парничната постапка
, 3 поради суштествени повреди на одредбите на парничната постапка
и погрешна примена на материјалното право и 1 поради погрешна примена
на материјалното право. Сите подигнати БЗЗ Врховниот суд на РМ ги
уважил.
Од подигнатите БЗЗ
против решенија донесени во извршна постапка, 4 се подигнати поради
битни повреди на парничната постапка и погрешна примена на материјалното
право и 3 поради погрешна примена на материјалното право. Врховниот
суд на РМ одлучувајќи по подигнатите БЗЗ , 3 уважил, 3 одбил како
неосновани и 1 го отфрлил.
1999 Вложени
иниција-тиви Подигнати
БЗЗ Уважени
БЗЗ Одбиени БЗЗ како
неосновани Отфрлени БЗЗ Нема одлука
ВПП 39 9 9 / / /
ИП 67 7 3 3 1 /
Согласно чл.18 од
Законот за јавно обвинителство, Јавниот обвинител на Република Македонија
поднел 2 БЗЗ за одлагање или прекинување на извршувањето и по двете
барања до јавното обвинителство од страна на основните судови не
е доставена одлуката донесена по повод поднесеното барање.
Во 2000 година од
1560 поднесени иницијативи, 44 се поднесени против решенија донесени
во вонпарнична постапка и 55 против решенија донесени во извршна
постапка. Јавниот обвинител постапувајќи по истите, подигнал 5 БЗЗ
против правосилни решенија донесени во вонпарнична постапка и 9
БЗЗ против правосилни решенија донесени во извршна постапка.
Од подигнатите БЗЗ
против правосилни решенија донесени во вонпарнична постапка 3 се
подигнати поради суштествени повреди на одредбите на парничната
постапка, 1 поради погрешна примена на материјалното право и суштествена
повреда на одредбите на парничната постапка и 1 поради погрешна
примена на материјалното право. Врховниот суд на РМ одлучувајќи
по истите 1 уважил, 1 одбил како неосновано, а за 3 нема одлука.
Од подигнатите БЗЗ
против решенија во извршна постапка 2 се подигнати поради битни
повреди на одредбите на парничната постапка и погрешна примена на
материјалното право, 3 поради битни повреди на одредбите на парничната
постапка и4 поради погрешна примена на материјалното право. Врховниот
суд одлучувајќи по истите 4 уважил, 3 одбил како неосновани, 1 отфрлил
како недозволено, а по едно сеуште не донел одлука.
2000 Вложени
иниција-тиви Подигнати
БЗЗ Уважени
БЗЗ Одбиени БЗЗ како
неосновани Отфрлени БЗЗ Нема одлука
ВПП 44 5 1 1 / 3
ИП 55 9 4 3 1 1
Согласно чл.18 од
Законот за јавно обвинителство, Јавниот обвинител на Република Македонија
поднел 3 БЗЗ за одлагање или прекинување на извршувањето од кои
1 е уважено и одложено извршувањето а по 2 од страна на основните
судови до Јавното обвинителство на РМ не е доставена одлука донесена
по повод поднесеното барање.
Од изнесените статистички
податоци произлегува следниот заклучок:
- Бројот на вкупно
поднесените иницијативи за подигнување на БЗЗ за период од 3 години
е зголемен за дваипол пати;
- Наспроти ова бројот
на иницијативите за подигнување на БЗЗ против решенија донесени
во вонпарнична постапка и извршна постапка е во благо опаѓање. Ова
е резултат на тоа што најголем број од вложените иницијативи во
вонпроцесната постапка бил вложен по повод исплатата на надомест
за експроприрано земјиште, за кое корисникот на експропријацијата
и сопственикот на земјиштето не постигнале спогодба за исплата на
правичен паричен надомест.
Со оглед на тоа што
според Законот за експропријација од 1995 година кој бил во сила
во периодот опфатен со информацијата - до 22.4.1998 година, според
кој согласно чл.3 корисникот на експропријацијата била државата,
сите започнати постапки во тој период биле насочени против Република
Македонија која како корисник на експропријацијата била должна да
го плати правичниот паричен надоместок за недвижноста. Но во меѓувреме
на 22.4.1998 година направена е измена на чл.3 од Законот за експропријација,
каде под поимот на корисник покрај државата се опфатени и сите физички
и правни лица, како и органите на локалната самоуправа за чии потреби
се вршела експропријацијата. Законот за експропријација од 1995
година на 22.4.1998 година претрпе и други измени, па така согласно
чл.10 од Законот за измени на Законот за експропријација изменет
е и чл.50 од Законот за експропријација со тоа што било утврдено
правичниот паричен надомест во постапките кои не биле правосилно
завршени да го плаќа крајниот корисник. Од тие причини, а имајќи
ја во предвид законската обврска на јавниот обвинител за правилна
примена на материјалното право, во 1998 година биле вложени повеќе
иницијативи против одлуките донесени во вонпроцесна постапка кои
видно од табелите биле уважени, па како во натамошната судска постапка
тоа доведе до правилна примена на материјалното право, во следниот
период вложените иницијативи по тој основ се во опаѓање;
- Во 1998. 199 и 2000
година вкупно се подигнати 69 БЗЗ против правосилни решенија во
вонпарнична постапка и во извршна постапка, од кои 46 се уважени
или изразено во проценти 67%, а искажано по години во 1998година
74%, 1999година 75% и во 2000 година 35%;
- Јавниот обвинител
на РМ рестриктивно, односно само во оправдани случаи поднесувал
барање за одлагање или прекинување на извршувањето согласно чл.18
од Законот за јавно обвинителство и
- Основните судови
не секогаш ги доставуваат одлуките по ова барање до Јавниот обвинител
на РМ.
ЈАВНО
ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|